Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денеска официјално до Сенатот го достави обвинението против поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се терети за поттикнување на бунт од неговите приврзаници, кои упаднаа во Капитол на почетокот на јануари.

Девет демократи од Претставничкиот дом, кои ќе служат како обвинители, ноќеска еден час по полноќ по средноевропско време поминаа низ зградата, во која неодамна стотици приврзаници на Трамп се бореа со полицијата, , носејќи го обвинението до Сенатот , јави Би-Би-Си.

Сличен, формален трансфер на обвинението од Долниот во Горниот дом на Конгресот се случи минатиот јануари, за време на првото судење за отповикување на Трамп.

Судскиот процес пред Сенатот треба да почне на 8 февруари, откако демократите и републиканците се согласија да го одложат процесот за кратко време, за да им се даде време на членовите на Претставничкиот дом кои ќе играат улога на обвинители и на тимот за одбрана на Трамп да се подготват.

Дополнителното време, исто така, ќе му овозможи на Сенатот да потврди некои од кандидатите на претседателот Бајден за позициите во неговиот кабинет.

За Трамп да биде осуден од Сенатот потребно е двотретинско мнозинство, и бидејќи телото е политички целосно поделено, со 50 републиканци и 50 демократи, 17 републиканци треба да се свртат против досегашниот претседател за да се добие пресуда „виновен“, под услов сите демократи да гласаат против него, наведува Гласот на Америка.

Доколку биде осуден, ќе се одржи посебно гласање на кое е потребно просто мнозинство за да му се забрани на Трамп некогаш повторно да се кандидира за јавна функција на федерално ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2021 10:33