Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, се надева дека 2021 година ќе биде година на економско закрепнување од пандемијата, и покрај сериозните блокади и загриженоста за појава на нови видови на Ковид-19.

-Се надеваме дека 2021 година е се уште година на закрепнување, но во две фази. Првата фаза е очигледно фазата што ќе продолжи да биде оптоварена со многу високото ниво на неизвесност, рече Лагард на панел на 51. Светски економски форум во Давос, што заради здравствената криза за првпат се одржува во виртуелен формат од 25-29 јануари.

Еврозоната се соочува со зголемување на бројот на случаи со коронавирус, заострување на рестриктивните мерки и бавно воведување на вакцините, што му нанесуваат дополнителна економска штета на регионот, за кој се проценува дека лани опадна за повеќе од 7,0 проценти.

Според Лагард, сегашното економско опкружување треба да го помине мостот што води кон закрепнување и се чини дека преминувањето на тој мост ќе биде малку одложено, но тој не треба да излегува од шините, пренесе Си-Ен-Би-Си.

Најновите економски податоци на ЕЦБ укажуваат на економски пад и во последниот квартал од 2020 година, што, според Лагард, ќе има влијание и во првиот квартал на 2021 година.

Европската централна банка во декември излезе со проценката дека бруто домашниот производ на еврозоната ќе биде 3,9 проценти во 2021 година, и 2,1 процент следната година, но тие предвидувања во голема мера зависат од развојот на пандемијата и брзината на вакцинирање на граѓаните.

Дури и кога регионот на единствена валута ќе достигне точка каде економиите-членки можат целосно да ги укинат ограничувачките мерки, постојат дополнителни предизвици за да се обезбеди солиден економски раст.

-Економијата за која зборуваме веќе не е иста, додаде шефицата на ЕЦБ.

ЕЦБ минатата недела одлучи да го задржи непроменет својот огромен пакет монетарни стимулации. Нејзината програма за пандемски итни набавки на обврзници, што може да трае до март 2022 година, изнесува дури 1,85 трилиона евра и има за цел да ги поддржи владите во еврозоната со поевтини трошоци за позајмување.

Каматните стапки на Европската централна банка, исто така, останаа на историски ниските нивоа за натамошно зајакнување на кредитирањето во регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2021 13:59