Развод, човеково право кое истовремено, според стигмата, е и симбол за неуспех. Ако сте разведени, не сте добар човек. Ако не сте успеале да го одржите бракот, тогаш не сте добар партнер. Ако сте го растуриле семејството, тогаш не сте добар родител. Личната среќа е безначајна и споредна, важен е фактот дека вие не сте успеале да ја одржите во живот институцијата наречена брак.

Овие, и уште многу примери се додаваат на постоечката стигма за разводот како појава која носи многу негативни етикети. Стигмата како неодобрување на одредени појави е традиционална и се провлекува низ годините поради неадекватната терминологија како „дете од растурен дом“, „дете со разведени родители“, сегмент што според експертите претставува невистина бидејќи она што е важно е дека кога луѓето се разведуваат, не се разведува родителството, туку се разведува партнерството.

Вида Гаврилоска, психолог, семеен и системски психотерапевт и тренер од Институтот за Брак Семејство и Системска Пракса – Алтернатива, со МИА сподели дека некаде на жените се лепат етикети дека тие не биле способни да го одржат семејството, да го зачуваат мажот во домот, и обратно, дека мажот не можел да го одржи семејството, и генерално се будат негативни чувства и негативни вредности, како тие луѓе да не вредат. Гаврилоска посочи дека она што е клучно е дека на разведените бракови се гледа како на неуспешни, пропаднати бракови.

– Она што е интересно е дека после разводите, жените кои поминале низ овој процес се гледаат како полесно достапни, како отворени за авантури, исто и мажите. Во текот на разводот, има и друг феномен кој што се јавува, во еден период кога разводот е на почеток, кога се случува, пријателите да почнуваат да ги избегнуваат партнерите кои што поминуваат низ развод, едни поради тоа што сметаат дека е ризик за сопругот или сопругата, бидејќи сметаат дека на некој начин ќе им го расипе бракот како негативен момент, а другиот е некаде во преиспитување во своите бракови и одржувањето на статусот на недопирливо, цврсто семејство, појаснува Гаврилоска.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во Психотерапика, смета дека стигмата е доста намалена, затоа што бројот на разводи расте, и покрај сè она што се случува, се навикнуваме да го сретнуваме почесто и да го нормализираме.

– Порано било исклучок во одделението да имате дете на разведени родители, денес тоа е толку нормална појава и веќе нема клас каде што не се забележува ваквиот тип на семејно функционирање. На разводот треба да се гледа како на нов начин на семејно функционирање а не на патологија на семејниот систем, затоа што е одлука на двајца возрасни индивидуи кои решиле, поради одредени несогласувања, да се разделат, но, не и да престанат да родителствуваат, вели Живановиќ за МИА.

Таа дополнува дека најчесто, луѓето не се одлучуваат за развод затоа што се срамат дека можеби не успеале да направат правилен избор, па се срамат и за нивното семејство, и се чувствуваат дека доживуваат поголем неуспех ако се разделат отколку ако не се разделат.

До кулминацијата наречена развод водат повеќе негативни настани

Од експертите дознаваме дека постојат неколку разводи, помеѓу кои: емоционален, психолошки развод, правен – легален развод, односно судската процедура, како и спиритуален или религиозен развод.

Гаврилоска вели дека од психолошка гледна точка, разводот е загуба, исто како некој да ни умрел а тој некој е бракот и она што е интересно дека, ние за сите други загуби имаме одредени ритуали за зацелување, кај разводот тоа го нема.

– Позади секој развод стојат најмалку околу две години дисфункционален брак, луѓето не решаваат да се разведат на прва, се обидуваат со одредени начини да ја решат ситуацијата, меѓутоа, кога не успеваат, конфликтите растат, тагата болката и незадоволството се присутни и тогаш луѓето тргнуваат во бракоразводна парница, појаснува Гаврилоска.

Таа додава дека дури и кога емоционалниот развод е завршен, а тоа значи дека партнерите немаат чувства еден за друг, тие се изгубиле во текот на времето, разводот носи болка, бидејќи низ процесот на развод луѓето го менуваат својот идентитет, веќе не припаѓаат на некого, го нема тој тип на заедништво, менуваат адреса, презиме, пријатели, и сите тие се многу промени кои што се врзани со нашиот личен идентитет и тоа се можеби едни од најсуштинските болки кои што ги менуваат луѓето во текот на разводот.

– Во овој процес и кога луѓето се најкршливи, во тој момент, средината ги притиска на начин да тие треба успешно да се носат и со сите овие процеси и да бидат адекватни и функционални родители што често и не е така возможно оти човек не може на сите страни подеднакво да биде ефикасен, вели Гаврилоска.

Таа потсетува на нашиот општествен примат, а тоа дека децата имаат најголема вредност во нашите животи, вклучително дека, ако ние сакаме да вредиме, мора да имаме деца и децата се најважните во нашиот живот. Според неа, оттука потекнува притисокот дека партнерите мора да бидат најдобри родители, и исто и притисокот за да останат во брак и покрај тоа што повеќе не се пронаоѓаат во истиот, да останат во функција на родители. Многу често, ваквите ситуации луѓето ниту ги прават среќни во однос на партнерството, ниту ги прават функционални родители.

Според Живановиќ, најчестите причини поради кои лицата се одлучуваат на развод се несогласувања во однос на заедничкиот живот, улогите кои секој од партнерите треба да ги има, обврските кои се менуваат кога се стапува во брачна заедница, непостоење на промена и на преземање на одговорност за воспитувањето на децата.

– Некои не се пронаоѓаат во улогата на родител, и се плашат и не знаат како да ја реализираат, или постои искуство на обвинување. Постои нетрпеливост, не се верува во семејната заедница, и истата не се доживува како пријатно место да се биде. Кај партнерите не постои волја да ги решаваат несогласувањата во прилог на сите. Дополнително немање можност да се реализираат како родители, изневерување на партнерите, или пак проблеми со воспитување и растење кај децата, знаат да бидат исто причини за развод, појаснува Живановиќ

На нив се надоврзува и адвокатот Ведран Лаличиќ, од Адвокатската канцеларија Лаличиќ и Бошкоски, кој според сведоштвата на многу различни причини за престанок на брак вели дека неспорно може да се потврди дека престанокот на еден брак е последица на еден или повеќе негативни настани.

– Од оваа причина сметаме дека тој е окарактеризиран како негативна појава. Меѓутоа, престанокот на еден брак мора да биде прифатен како престанок на однос помеѓу брачните другари кои не се во можност повеќе да живеат заедно. Така, мора да биде прифатено дека одлуката да се пристапи кон развод има за цел да го подобри квалитетот на живот на брачните другари и од таа причина не може да се гледа на истата како негативна појава.

Според искуствата на нивните клиенти, тие откриваат дека најчести причини за развод се како нелојалност на брачните другари, така и финансиски притисоци на брачната заедница.

Разводот разведува партнерство, родителството е доживотно

Експертите се согласни дека колку е помирна бракоразводна постапка, толку е помирно и детето. Тие ја нагласуваат важноста на комуникацијата со децата низ сиот тој процес, како и понатаму. Овозможувањето на еднакви услови и грижа за децата, доколку се работи за семејство со повеќе деца, отворена комуникација и помалку физички промени за детето како предуслов за посреќно дете, препорачуваат тие.

Психологот Живановиќ нагласува дека многу зависи како ќе се менаџира разводот, како истиот ќе помине, колку ќе биде разбран и објаснет на детето, разбран од него, за да детето се чувствува поадекватно во новата ситуација, да нема дилеми околу промените во животот, околу новите улоги и места на живеење, распоред на живеење, начин на комуникација.

– Децата најтешко ги поминуваат разводите, и сè зависи кога истиот се случил, како се случил, како родителите понатаму комуницираат околу потребите на детето, дали имаат усогласени стратегии за комуникација околу разводот но, и во однос на развојот на детето, како се поставуваат во однос на новите семејства, како разговараат со детето околу неговите природни прашања на припадност и грижа, како ги процесираат и прифаќаат емоциите кај детето после разводот, појаснува таа.

Живановиќ додава дека кога детето поминува низ одредени проблеми, треба да се вклучат двајцата родители подеднакво, таа потсетува дека е многу значајно да се запамети дека родителството не прекинува кога бракот прекинува, тоа само се менува и адаптира на условите и потребите.

Гаврилоска, пак, ни појаснува дека во семејства каде што нема ниту еден развод, луѓето се помалку подготвени да го разгледуваат разводот како опција, за разлика од други семејства каде што имало искуство со развод и тоа им е познато.

– Децата се пола на мама, пола на тато, и такви се и нивните срца. Без разлика на тоа што се случувало во нивниот партнерски однос, за децата е важно какви родители се нивните мајка и татко. Затоа кажуваме дека не се „деца од разведени родители“ туку „деца од разведени партнери“, затоа што родителството е доживотно, заклучува Гаврилоска.

За децата помирно да поминат низ сето ова се препорачува да има што е можно помалку промени во нивниот живот. Колку подобро се разбираат партнерите низ разводот толку децата полесно поминуваат низ фазите на оджалување и самиот развод.

Адвокатот Лаличиќ од правната пракса споделува дека најчестите грижи на клиентите кои треба да пристапат на бракоразводна постапка се поврзани со децата и нивната издршка. Односно, времето кое тие би го имале за гледање на нивните деца и износот на издршка кои треба да се исплаќа. Околностите поврзани со нивниот живот се често тема на разговор во однос на нивните шанси судот да донесе одлука соодветна на нивните желби и интереси.

Имајќи предвид дека разводот е општествен феномен, неминовен е фактот дека општеството може да стори многу во ублажувањето, и во најдобар случај, искоренувањето на стигмата за разводот. Самиот пораст на разводите, кој што се смета за нормална појава, веќе започнува да ја отстранува социјалната догма, односно правилото дека си успешен ако опстоиш во бракот. Како луѓето се интегрираат по разводот е нешто што ги засенува традиционалните стигми кои важат по правилото брак по секоја цена.

Ангела Рајчевска



Автор: Администратор
Објавено на: 07/02/2021 10:39