Покрај печатеното и електронското издание на Службен весник, секојдневно ја ажурираме нашата електронска база на прописи, за која слободно можеме да кажеме дека е архива на националната легислатива од 45-тата година до денес. Базата нуди брзо пребарување, со еден клик, со еден збор од насловот на прописот, или пребарување по области, но она што е најважно е дека со секоја измена во кој било закон, во неа, веднаш поставуваме пречистен текст, вели во интервју директорката на Службен весник на Република Македонија, Татијана Лалчевска.

Е-базата на прописи, како што посочува, е извонредна алатка за секојдневно, безбедно и правно постапување и е наменета за сите оние што сакаат или имаат редовна потреба од следењето на законодавството во Република Македонија, а во неа секојдневно, навремено се ажурира секоја објава од службеното гласило.

На 18-ти февруари 1945 година, Президиумот на АСНОМ донесе Одлука за издавање на „Службен лист на Федералната единица Македонија“. Од тогаш, па до денес ова претпријатие сведочи за историјата на нашата држава, за сите важни историски акти и документи објавени во ова службено гласило и чекори заедно со историјата и иднината на нашата држава.

-Од неговиот прв број, па сè до денес, се објавени бројни закони и подзаконски акти кои го сочинуваат правниот систем на државата, така што ова гласило ги опфаќа сите значајни настани кои ја одбележаа нашата историја. Во тој речиси осумдецениски период на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Северна Македонија, ова претпријатие ја испиша својата страница за паметење, поминувајќи низ неколку трансформации следени од општествените случувања, и тоа во шеесеттите години како „Службен весник на НРМ“, потоа како „Службен весник на СРМ“, во почетокот на деведесеттите години како „Службен весник на Репубика Македонија“, и од пред две години како „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Оваа година, претпријатието одбележува точно 76 години откако ја негува традицијата да го издава службено гласило и до ден-денес ја надоградува ризницата на општествената рамка. Ние сме постојан хроничар за историјата на нашата држава, чувар на сите важни историски акти и документи кои се објавени во ова службено гласило. Затоа често, за нас сакаме да кажеме дека сме институција која веќе осум децении, континуирано и високопрофесионално, ја извршува својата јавна, општествено доблесна задача, да ги објавува сите службени новини од општественото организирање. Тоа е доверба која обврзува, како што обврзуваат и стратешки утврдените насоки на државата во врска со регулаторните реформи и информациското општество. Својата улога на посредник помеѓу државата и граѓаните на Република Македонија, во сферата на легислативата, Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ настојува да ја исполни со висок степен на совесност и секогаш со службена, автентична, точна, ажурирана и лесно достапна информација.

Неодамна прочитавме објава за изменување и дополнување на Законот по кој е основано претпријатието и по кој ја извршувата основната дејност. За какви измени или новини станува збор?

-Јавното претпријатие „Службен весник на Република Северна Македонија“ е основано со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти, а објавувањето се врши и во печатена и во електронска форма.

Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ произлезе од потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во делот што претставува јавен интерес, засновани на европските искуства и стандарди, при што беше оценето дека треба да се измени и дополни овој закон во правец на актуелните трендови на ниво на Европа, со цел да се овозможи електронското издание на службеното гласило, да добие официјален карактер.

Ова е многу важна новина не само за нас, како институција, туку пред сѐ, и за нашите корисници кои сѐ повеќе се определуваат за електронската верзија на службеното гласило. Официјализирањето на ова електронско гласило му дава подеднаков третман со печатеното издание, или да повторам, електронската форма на службеното гласило станува правнообврзувачка. Измените на законот ја донесоа оваа новина, но таа стапува во сила по шест месеци од донесувањето, значи кон крајот на јули кога ќе биде официјализирано електронското издание.

Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ е во правец на следење на постојниот тренд во оваа област и е изработен согласно со компаративните искуства во областа на објавување на законите и на другите прописи и акти во службените гласила во земјите од регионот како и искуствата од издавачите на службените гласила во ЕУ.

Од друга страна, дел од измените во предложениот закон се резултат на воочените негативни искуства и разлики во толкувањето на одделни членови од законот како резултат на повеќегодишната примена на постојниот Закон (од 1999 година до денес), како и согласно со компаративните искуства на издавачите на службените гласила од земјите во регионот и пошироко.

Основните цели и решенија на Законот за изменување и дополнување на нашиот закон, содржат новини кои се однесуваат на начинот и формата на објавувањето на законите и на другите прописи и акти во службеното гласило, како и други решенија усогласени со актуелните трендови во областа на објавувањето на актите и начинот и формата на нивното издавање.

Всушност, со измените ќе се овозможи поефикасно работење на претпријатието, како и развој на нови услуги и производи. Веќе извесен период ги баравме и предлагавме измените, бидејќи ЈП „Службен весник на РСМ“ во континуитет настојува да е над стереотипите и да е сигурен партнер како на институциите, така и на граѓаните бидејќи мотото на оваа институција, денес и во иднина е квалитет, безбедност, навременост и точност.

Бидејќи службеното гласило стана издание со дневна динамика, колку се чита и дали успевате да ги следите потребите и барањата на вашите корисници?

– Службеното гласило, без оглед на тоа дали е печатено издание или е во електронска форма е огласник за активностите на трите власти: на извршната, на законодавната и на судската власт, па затоа велиме дека е издание кое треба да го следат речиси сите.

Граѓаните треба да ги знаат своите права и обврски, стопанството своите економски и финансиски мерки, институциите како да постапуваат и да ги сервисираат граѓаните, потоа како се регулирани одредени области и како правилно да се постапува при секојдневното извршување на работните задачи.

Нашите анализи покажуваат дека свесноста и совесноста, за секојдневно, безбедно и правно постапување, како на институциите така и на широката популација е на завидно ниво. Покрај државните институции, расте бројот и на претплатите од страна на приватниот сектор, а секако настојуваме и лесно да сме достапни, т. е. секое лице кое има потреба нешто да прочита – навремено да биде информирано.

Токму затоа, покрај печатеното и електронското издание на овој весник, секојдневно ја ажурираме нашата електронска база на прописи, за која слободно можеме да кажеме дека е архива на националната легислатива од 45-тата година до денес. Базата нуди брзо пребарување, со еден клик, со еден збор од насловот на прописот, или пребарување по области, но она што е најважно е дека со секоја измена во кој било закон, во неа, веднаш поставуваме пречистен текст.

Слободно можеме да кажеме дека во е-базата на прописи нема закон кој имал измена, а за кој не е изработен пречистен текст и затоа велиме дека е извонредна алатка за секојдневно, безбедно и правно постапување. Таа е наменета за сите оние што сакаат или имаат редовна потреба од следењето на законодавството во Република Македонија, а во неа секојдневно, навремено се ажурира секоја објава од службеното гласило.

Истата база ја имаме организирано и како мобилна апликација која како и е-базата има опција за нотификација за сите промени во правната регулатива. Тоа се корисни алатки кои, во секој случај и во секое време, имаат и даваат брз одговор на секој наш корисник. Новините во законот ќе ни овозможат да одиме чекор понатаму. Да ги комплетираме содржините во согласност со потребите на јавноста, а да останеме доследни на принципот „навремено и точно“.

Која е визијата на ова претпријатие? Кои се целите и тенденциите за во иднина?

-Јавното претпријатие„ Службен весник на Република Северна Македонија“ е целосно посветено на ефикасно и квалитетно исполнување на целите и обврските кои произлегуваат од Законот со кој е основано. Визијата на претпријатието е да продолжи совесно да управува со правниот информативен систем на Република Северна Македонија. Со официјализацијата на електронската верзија ние сме веќе чекор напред, меѓутоа размислуваме повторно да дадеме акцент и на издавачката дејност. Од неодамна, имаме нова публикација, „Управно-процесно право“ од авторите: професор емеритус Симеон Гелевски и м-р Гала Кузмановски, а веќе се подготвуваме и за нови издавачки дела. Всушност, наша цел е да останеме стабилна и развојна компанија која реагира интерактивно на барањата на пазарот и секогаш во интерес на потребите на нашите корисници.

За нас е важно, во континуитет да го негуваме, а истовремено и да го зајакнуваме угледот на претпријатието со понуда која ќе резултира со висок квалитет, сигурност и точност во преносот на информациите коишто се бараат од нас. Накусо, нашата цел е секогаш да се биде иноватор во работењето и да се препознаат и потврдат вложените знаења, енергија и креативност. Горди сме на општествената улога што ни е доверена, а уште погорди на начинот со кој ја оправдуваме довербата.

И оваа година, денот кога е донесена одлуката да се издава службеното гласило ние, најверојатно, ќе го одбележиме со ново издание.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2021 11:07