Пекинг е еден од најзагадените градови во светот, но доколку постои ден кога облаците речиси сигурно ќе ги снема, а сонцето ќе се појави, тогаш тоа е кога во главниот град на Кина треба да се одржи некој важен политички состанок или настан од меѓународно знаечење.

И тоа не е случајност.

Кинеските власти долги години користат програми за манипулација со климата, а во декември отидоа чекор подалеку: националната Влада најави планови за проширување на капацитетите низ цела држава.

Властите сакаат програмите за вештачки дожд или снег да покријат 5,5 милиони квадратни километри до 2025 година, што е речиси 60 отсто од кинеската територија.

Но иницијативата предизвика загриженост во соседните земји, како што е Индија, по неизвесноста за технолошкото влијание на овој и на постоечките регионални тензии.

Како Кина манипулира со времето?

Кина користи метод наречен „сеење на облаци“, кој одамна е познат низ целиот свет.

Тој се состои од прскање супстанци, како што е сребро јодид, во облаците за да се поттикнат да произведат врнежи, а тоа е техника на модификација на временските услови.

„Многу земји се служат со оваа технологија. Кина ја користи веќе долго време, како и Индија, изјави Данасри Џејарам, индиска експертка за клима.

Методот се користи и во подсахарска Африка и во североисточниот дел на континентот, каде има многу проблематични суши, или во Австралија, на пример.

Меѓутоа, Џејарам вели дека на другите места тие иницијативи се со многу помал обем од овие кои ги планира Пекинг.

„Сеењето на облаци“ има долг историјат, потекнувајќи од 40-те години на минатиот век главно во САД, но се уште постојат сомнежи во неговите резултати.

„Подготвени се многу малку научни трудови за неговата ефикасност, истакна научникот Џон С. Мур од Универзитет во Пекинг.

Според него, „сеењето на облаци“ е развиено без претходно да добие некаков вид на научна потврда.

Тој вели дека „во Кина манипулацијата со временските услови преку сеење на облаци е оперативно прашање“.

„Тоа не е никаква истражувачка вежба, ниту било што научно. Тоа всушност се врши на ниво на заедницата, во градовите и помалите места“.

Тоа може да се види на дело кога Пекинг организира некои големи настани, иако во тие конкретни случаи, како што е годишната седница на Парламентот, затворањето на фабриките очично, исто така, игра улога во намалување на загадувањето.

Мур тврди дека 50.000 кинески помали места и градови редовно користат „сеење на облаци“ со цел да избегнат земјоделски штети.

Но научникот вели дека „сеењето на облаци“ функционира ефикасно во Кина „само еден или два месеца годишно“.

Во февруари 2020 година, списанието „Њу сајентист“ објави статија за американско истражување во кое истражувачите извршиле „сеење“ на орографски облаци – оние кои се формираат кога воздухот се компресира над планините.

Истражувачите откриле дека „сеењето на облаци“ може да ги зајакне врнежите, но само за помалку од десет отсто.

Кој е сопственик на дождот?

Плановите на Кина за проширување на манипулацијата со временските услови се објавени на 2 декември преку соопштение од Државниот совет, нејзината извршна власт.

Програмата, како што пишува во соопштението, ќе ја олесни помошта во катастрофите, земјоделското производство, реакциите на пожари во шумите и на пасиштата, како и справување со невообичаено високи температури или суши, иако властите не дадоа премногу детали.

„Бидејќи документот носи наслов „ Појавено мислење “, ова обично укажува на тоа дека централната влада ќе ја постави општата рамка, додека различните министерства и локалните власти ќе спроведат конкретни мерки, од кои вторите обично ќе добиваат дарежливо финансирање“, објаснува Јичин Ванг , БиБиСи, новинар од Пекинг.

Тој го наведува, на пример, случајот со провинцијата Гансу (на север), која „веднаш најави амбициозни цели“, со големи беспилотни летала во центарот на стратегијата.

Помалку од еден месец по соопштението, Кина ја започна програмата за модифицирање на времето, со пионерскиот лет на дронот Галин-1 („сладок дожд“ на кинески јазик).

Сомнежите во оваа техника не ја спречија Кина да вложи големи средства во неа, а тоа предизвика загриженост во соседните земји во момент на се поголеми геополитички спорови.

„Една од грижите е дали оваа технологија ќе има влијание врз летните монсуни во Индија, кои исто така се клучни за целиот регион“, додаде Данасри Џејарам.

Таа смета дека овој вид на соопштение би можело да биде незабележано во Индија доколку односите со Кина се моментно во подобра фаза.

Но пограничните судири на војниците од двете земји го зајакнаа антикинескиот сегмент во Индија.

„Кражба“ на дожд

Истражувањата од Националниот универзитет во Тајван во својот извештај објавен во 2017 година наведуваат дека недостигот на координација во активностите на манипулацијата со временските услови може да доведе со обвинување за „кражба на дожд“ меѓу соседните држави.

Џон С. Мур истакна дека не постојат научни докази кои ќе го поддржат ваквиот вид на обвинување, иако ситуацијата со азиските монсуни е малку посложена.

„Еден од поттикнувачите на монсуните е разликата во температурата меѓу Тибетанската висорамнина и Индискиот Океан. Всушност, ако направите значајни промени на Тибетанската висорамнина, како што некои планираат, мислам дека тоа би можело да има многу подрастични последици, нагласи научникот.

„Каубојски градители“

Мур зборува за планот на кинеските инженери на покраинско ниво да спроведат масовен проект на „сеење на облаците“ низ Тибетанската висорамнина, иако оваа иницијатива нема национална поддршка или никакво претходно истражување.

„Тоа е како обромен број каубојски градители да направат вселенски брод, имитирајќи го Илон Маск или некој сличен. Повеќето кинески научници со кои соработувам се изненадени од таквиот пристап, вели Мур.

Според Џејарам, сепак најголемата загриженост во регионот доаѓа од „сеењето на облаци“.

Таа конкретно се осврнува на можноста Кина да примени поамбициозни геоинженерски технологии (како што се управување или контрола на сончевото зрачење) без консултации со други земји, особено кога односите не се толку добри, како моментно со Индија.

„Не мислам дека технологијата сама по себе загрижува. Таа може да биде корисна и секоја земја има суверенитет над својата територија. Но, проблемот е кога тоа ќе го направите еднострано. Што ќе се случи, на пример, ако нешто тргне наопаку со овој вид технологија? Кој ќе плати за тоа?“, оцени Џејарам.

Таа вели дека многу е потребна глобална рамка за регулирање на оваа практика и можни судири, а Мур се согласува со тоа.

Сепак, Мур, кој ја предводи програмата за геоинженеринг во Кина, повикува на смиреност во оваа област, уверувајќи дека „Кина очајно сака да биде едно од добрите момчиња“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/03/2021 14:17