Романот „Друга мајка“ на Драгица Најчевска деновиве е објавен на руски јазик во издание на издавачката куќа „У Никитских Ворот“ од Москва. Преводот го направи Олга Панкина, која е и промотор на македонската книжевност во Русија повеќе децении.

Романот обработува еден граничен настан од летописот на Скопје и судбината на неговите жители, страотниот земјотрес од јули 1963 година. Трагичната судбина на едно семејство е раскажана преку психологијата на десетгодишното девојче Христина и нејзината помала сестричка, чија мајка погинува во земјотресот. Најческа во романот гради и позитивен лик на маќеа. Ликот на маќеата во нејзиниот роман е всушност битка против заблудите, предрасудите поврзани со маќеата и обид да се тргне неправдата нанесена на сите оние жени кои несебично им ја подаруваат љубовта на децата кои не ги родиле.

Најческа не ѝ е непозната на руската читателска публика. Во 2010 година, издавачката куќа „Парабола“ од Москва го објави на руски јазик и во превод на Олга Панкина нејзиниот роман „Омраза – длабоко“, а нејзини раскази и поетски творби се застапени и во збирките „Современа македонска поезија“ и „Раскази“, преведени и уредени од Панкина и издадени на руски јазик.

Објавувањето на романот „Друга мајка“ на руски јазик е уште еден чекор во афирмацијата на македонската литература во светот.

Првиот роман „Пеперуга со натопени крилја“, Најческа го објавува во 1969 година. Од тогаш до денес остави забележливи траги во сите литературни видови, објавувајќи ги и романите „Друга мајка“, „Крстопати“, Омраза-длабоко“, „Доживотна јамка“ и „Куќа на езеро“, збирките раскази „Раскази“ и „Потрага по скриеното“, расказите за деца „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и… дечињата“, збирките поезија „Неспокој“, „Вратете ми го сонот“, „И крв и смрт и надеж“ и „Распетие на душите“. Во 2011 година, издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје го објави шестомното издание на нејзините Избрани дела, под уредништво на Веле Смилевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2021 11:20