Замајување на јавноста ли е наводниот внатрепартиски конфликт во владеачката партија од албанскиот блок ДУИ помеѓу Изет Меџити и Артан Груби или пак станува збор за дисциплинирање на пратениците од страна на лидерот на ДУИ Али Ахмети на централниот одбор кој викендов се оддржа во седиштето на партијата.

Имено, на неколку часа пред гласањето за доверба на Владата, Изет Меџити истакна дека реално во ДУИ има проблеми, но добро е што се дискутира во однос на политичките разлики.

– Јас бев еден од поборниците ДУИ да се одлепи од тогашното ВМРО на чело со Груевски и да се приклучи на оваа коалиција, која придонесе државата да излезе од изолација, да стане членка на НАТО и да претендира за ЕУ, но исто така денес имаме забелешка – сакав да ги приближам со Заев и СДСМ, но не да се стопат во тоа. Забелешката е кон изјавата на Груби дека „едно сме“, а ако го мисли тоа политички, јас сум против тоа. Се знае од каде потекнува ДУИ и што претставува оваа партија, изјави Меџити.

Денеска пак, во Собранието, по барањето на Зоран Заев за доверба на Владата, Изет Меџити со „две раце“ гласаше Артан Груби да остане прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, со што недвосмислено се укажува дека неговата „борба“ против неговите сопартијци е само декларативна а не и реална.

Покрај ова, Изет Меџити неколку пати нагласува дека ќе поднесе интерпелација против Груби, но засега истата се уште ја нема поднесено.

За потсетување, за доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2021 17:46