Словачката владејачка коалиција, која ја сочинуваат четири партии, ја зафати криза откако премиерот Игор Матович ги изостави коалициските партнери и нарача руски вакцини Спутник против Ковид-19.

Матович донесе таква одлука и покрај барањата на неговите партнери да не се набавува руската вакцина, бидејќи не е одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Словачка е втора земја од ЕУ, по Унгарија, која ја купува руската вакцина, иако ЕМА тврди дека рускиот производител не аплицирал за регистрација, но ја нуди вакцината на одделни членки на Унијата.

Еден од коалициските партнери, партијата „За луѓето“, се закани дека ќе ја напушти Владата поради ваквиот потег, додека Партијата на слобода и солидарност повика за реконструкција на владиниот кабинет.

Во меѓувреме, воен авион е испратен во Москва да донесе 200.000 дози на Спутник во текот на викендот, што е прва испорака од нарачаните два милиона дози.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/03/2021 23:10