Собранието попладнево и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратенциите усно го побара премиерот Зоран Заев. За доверба на Владата гласаа 62 пратеници, а ниту еден од присутните не беше против.

Гласањето за доверба беше без претходна расправа. Според собранискиот деловник, во случај кога прашањето за доверба на Владата го поставува премиерот усно на седницата на Собранието, пратениците се изјаснуваат на истата седница, без расправа.

Премиерот Заев пред гласањето истакна дека побарал пратениците да се изјаснат за доверба на Владата, по прв пат на ваков начин во парламентарната историја во земјава, за да се разјаснат некои работи што во јавноста ги наметна опозицијата околу владејачкото мнозинство во Собранието.

Одлуката за изгласување недоверба на Владата, според Уставот и собранискиот деловник, се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако на Владата и е изгласана недоверба, должна е да поднесе оставка.

Ако, пак, добие поддршка во Собранието, повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, освен ако прашањето за доверба го постави мнозинството од вкупниот број пратеници.

Што значи дека доколку опозицијата има 61 пратеник може во секое време да го постави прашањето за доверба на Владата на собраниска седница. Оттука, денешниот потег сосема неочекуван и никаде не најавен на премиерот Зоран Заев укажува на тоа дека се работи за чисто партиски интереси со цел смирување на членството на СДСМ и зајакнување на неговата лична позиција пред Конгресот на СДСМ закажан за овој месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2021 01:10