Граѓанската иницијатива „Охрид SOS” најави дека ќе покрене тужба против градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, доколку тој, односно Општина Охрид не усвои акт за прогласување за „ништовно” одобрението за градба на објект на местото на се уште постоечкиот ресторан „Парк”.

Според активистите од „Охрид SOS”, градоначалникот Георгиески ја лажел јавноста со исказите изнесени пред медиумите дека нема правна можност за оспорување на уривањето на ресторанот „Парк” и градење хотел на истата локација.

Истовремено од „Охрид SOS” критики и до ресорното Министерство за култура од кое се очекува нешто и да преземе, како кривична пријава против градоначалникот на Охрид поради што му дозволил на инвеститорот да го прекршува законот и со загрозување на јавниот интерес преку заштита на урбаната мафија.

Членот 66 од Законот за градење се однесува на постапката на градење според која доколку инвеститорот не почне со градба на ојектот две години од добивањето на одобрението за градење, истото одобрение престанува да важи односно се прогласува за ништовно.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески по реакциите на јавноста по отпочнувањето на подготвителните активности за уривање на ресторанот „Парк” во месноста „Горица 1″ ги свика медиумите за пред нив да каже дека се работи за завршена постапка, за која е обезбедена сета потребна документација и градба што во овој миг не може да биде правно оспорена.

– Локалната планска документација е усвоена од Советот на Општина Охрид во ноември 2009 година. Врз основа на изготвената урбанистичко-планска документација издадено е правосилно одобрение за градење, што предвидува инвеститорот да ја острани постојната градба…Согласно правосилното одобрение за градење од 2018 година на предметната локација ќе се гради хотел со приземје, три ката и потпокрив до венец 13,5 метри, рече тогаш Георгиески.

Сопственик на земјиштето на кое ќе се гради е ДООЕЛ „Ремис” од Охрид, кој се јавува и како инвеститор.

Според Георгиески, за односниот објект и предвидената изградба во постапката за издавање на одобрението за градење запазена е постојната законска регулатива за изградба на објект од таква намена, со Решение за одобрување Елаборат за заштита на животна средина од 2010 година и водостопанска согласност од 2016 година од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.

Одговарајќи на прашањата на новинарите Георгиески појасни дека се работи за одобрение издадено пред Планот за управување со Охридскиот регион, а постојниот објект е во третата зона, во која е дозволено градење објекти на три ката и 40-процентна искористеност на просторот.

– Од правен аспект нема ништо спорно, објектот е приватна сопственост, новата градба е во согласност со подоцна донесениот План за управување со Охридскиот регион, платени се 47 милиони денари комуналии за објектот, рече Георгиески притоа посочувајќи дека од Планот за управување со Охридскито регион отстапка има само во потпокривот.

По однос најавите за уривање на ресторанот се огласи и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) кои, исто така побараа запирање на постапката се до целосен увид во плановите и проектите за новиот објект, како и стручна анализа за усогласеноста на Урбанистичкиот план со Плановите од повисоко ниво и законската регулатива.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2021 01:56