Повеќе од 25 години по настаните, на поранешниот француски премиер Едуар Баладур му се судеше заедно со неговиот поранешен министер за одбрана Франсоа Леотар под сомнение за тајно финансирање на неговата неуспешна претседателска кампања во 1995 година. Баладур доби ослободителна пресуда, вториот условна казна затвор од две години, јави дописникот на МИА.

Поранешниот премиер Едуард Баладур денеска е ослободен од Судот на правдата на Република, кој му судеше под сомнение за тајно финансирање на неговата неуспешна претседателска кампања од 1995 година, еден од аспектите на аферата Карачи (за атентатот врз француските инженери во Карачи). Неговиот поранешен министер за одбрана, Франсоа Леотар, познат како и прв специјален претставник на ЕУ во нашата земја, беше осуден на условна казна затвор од две години и парична казна од 100.000 евра за „соучесништво“ во злоупотреба на општествени средства.

Двајцата не беа присутни при изрекувањето на пресудата. Поранешниот премиер беше обвинет за воспоставување, заедно со Франсоа Леотар, на систем на нелегални ретрокомисии за големи договори за вооружување со Саудиска Арабија и Пакистан, наменети за делумно финансирање на неговата изборна кампања. Во својата пресуда, Судот на правдата сметаше дека нема „доказ за постоење на информирани упатства дадени од Едуар Баладур“ за плаќањето на овие ретрокомисии.

Исто така, Судот, составен од тројца судии и 12 парламентарци, сметаше дека ништо во досието не овозможува да се утврди од каде доаѓаат 10,25 милиони франци, што се најдоа во кампањата на Едуар Баладур, три дена по неговиот пораз на претседателски избори кои според обвинението биле од „нечесно потекло. Јавниот обвинител на 2 февруари побара една година условна казна и 50.000 евра парична казна против Баладур, сега на 91 годишна возраст, за „соучесништво“ и „прикривање“ на злоупотреба на општествени средства.

Од друга страна, Судот ги следеше барањата на обвинителството против Франсоа Леотар (78). Сомневањата за тајно финансирање на кампањата Баладур се појавија дури во 2010 година, за време на истрагата за атентатот во 2002 година во Карачи, Пакистан, во кој починаа единаесет француски вработени во Дирекцијата за поморска конструкција (ДЦН).

Едуард Баладур рече дека е „задоволен“ што правдата ја признава „конечно неговата невиност“.

Франсоа Леотар, од своја страна, изјави дека се „срами од француската правда“ и ја најави својата жалба.

„Срам ми е за француската правда и нејзините опасни деривати. Јас секогаш ќе ја бранам слободата на политичка одлука“ , реагираше тој во соопштение за печатот.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2021 15:57