Филмот Adieu les cons (Збогум идиоти) на Алберт Дипонтел беше награден седум пати на синоќешната церемонија на доделувањето на филмските награди на француската кинематографија Цезар, особено во две категории: најдобар режисер и најдобар филм, јави дописникот на МИА.

Алберт Дипонтел триумфираше во Олимпија и покрај неговото отсуство. Фаворит на 46. церемонија на Цезар заедно со „Работите што ги кажуваме, работите што ги правиме“ на Емануел Мурет, „Збогум идиоти“ конечно доби седум Цезари.

Наместо Алберт Дипонтел, кој беше отсутен синоќа, наградата во негово име ја зеде Катрин Бозорган, продуцент на филмот од рацете на претседателот Рошди Зем. Таа ги покани актерките Вирџини Ефира, Сидони Дима и филмската екипа да и се придружат на сцената.

Во „Збогум идиоти“, Суз, која ја игра Вирџини Ефира, дознава дека и преостануваат уште само неколку дена живот. Ова е почетна точка на филмот во кој оваа 43-годишна жена трага по детето кое беше принудена да го напушти кога имала 15 години. Нејзината административна потрага ја натера да се сретне со Ж.Б., педесетгодишник кој има премногу работа и Блин, слеп архивист со импресионирачки ентузијазам, толкуван соодветно од Алберт Дипонтел и Никола Мари. Тројцата започнуваат потрага што е спектакуларна, колку што е и неверојатна. За само девет дена прикажување во кино салите, филмот го гледале над 720.000 гледачи. Оттогаш сите кино сали во Франција се затворени.

Откако доби пет Цезари за неговиот претходен филм „Збогум таму горе“ во 2018 година, Алберт Дипонтел и неговиот тим добија уште седум награди за време на оваа 46. церемонија со која раководеше Рошди Зем. Во трката во 13 категории, „Работите што ги кажуваме, работите што ги правиме“ Емануел Муре конечно освои само еден Цезар, благодарение на актерката Емили Дукен, крунисана во категоријата најдобра актерка за споредна улога.

Фатија Јусуф, со само 14 години го доби Цезарот за најдобра женска надеж за филмот „Мињон“.

Денешните критики за самата церемонија не се ниту најмалку нежни кон Цезар 2021 година: од кои некои како париски „Фигаро“ ја нарекоа „најкатастрофалната церемонија во историјата од создавањето на Цезарите. Рекордот беше тешко да се собори, особено по минатогодишното фијаско“.

Односно критичарот Ерик Нехов смета дека „меѓу сите политички трибини и сомнителни шеги, 46-то издание на престижната церемонија ја заборави суштинската работа, да зборува за киното и филмот“.

Според овој критичар, невозможно е да сме биле сведоци на најкатастрофалната вечер. Имаше алузии на Џорџ Флојд. Неочекувано. Се слушнаа највулгарни зборови. Времените работници во културата кои го окупираат театарот Одеон, прочитаа текст. Некој, кој дојде да го награди најдобриот документарец, зборуваше за сеопфатниот закон за безбедност. Една дама целосно се разголи и носеше санитарни тампони како обетка. Ова беше во знак на протест поради системот за осигурување од невработеност. Натали Беј беше прашана дали е „мајка на …“. Професорката Жан Балибар ја изнесе својата политичка порака до Канал+. Таа пресметала дека улогите за жени над четириесет години биле премногу ретки.

Тие беа таму за да ги наградат другите и не можеа да не го свртат разговорот кон својот сопствен случај. Марина Фоис во фустан со срма, која беше домаќин церемонијата, се присети дека имала шеснаесет номинации и нула Цезари. Како овој мал свет успева да се направи толку непријателски расположен? Режисерот не ја покажа министерката за култура, но нападите кон Розелин Башелот беа многубројни. Текстовите на сите беа неверојатно слаби. Во врска со доделувањето на Цезарите за краткиот филм, домаќинката на церемонијата неколку пати повтори „Дали големината е важна?“ Таа продолжи со „Да не заборавиме дека без светло колоноскопија би била само црна дупка“ и си дозволи „ Го повикувам Ксавиер Дупон де Лигонес“.

За среќа, Бенџамин Биоеј беше на пијаното. Сушон пееше „Кога ќе бидам КО“ и Кетрин Ранжер „Се враќам да те земам“. Фани Ардант се осмели да каже добри работи за мажите. Сами Буажила ја бакна. Хуперт беше многу шик во црно. Вансент Дедиен се пошегува на сметка на Хитлер. Целиот Сплендид се најде пред микрофонот. Луис Гарел го поздрави Жан-Клод Кариер споменувајќи го неговото омилено јадење, бруиса со див аспарагус. Извадоци од филмови им оддадоа почит на Мишел Пиколи и Жан-Лу Дабади.

Церемонијата, на која имаше само 150 гости, сите номинирани, ќе треба да се преиспита и да се направи поинтересна, бидејќи таа покажа дека постои голема разлика меѓу неа и квалитетот на француските филмови.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/03/2021 13:18