Потребата од енергетска транзиција во Македонија, напуштањето на употребата на лигнитот и премостување кон обновливи извори на енергија, како во земјава, така и во Западен Балкан, чекорите на Европската Унија во процесот на енергетската транзиција, придобивките на компаниите и домаќинствата од новото енергетско време, финансиските проекции за трнзицијата кон обновливи извори на енергија, како и препораките за земјава на тоа поле, се темите за кои разговаравме со експертката за енергетика Соња Ристеска, која живее и работи во Германија, како проектен менаџер за Југоисточна Европа во „Агора Енергивенде“.

Ристеска за МИА нагласи дека инклузивна, транспарентна енергетска транзиција во Македонија е возможна само доколку домашните политички елити ја увидат корисноста од тоа.

Таа потенцираше дека обновливите извори на енергија придонесуваат за подобар квалитет на воздухот и нудат можности за нови работни места, со што може да се осигура дека никој нема да остане без работа при преминот од јаглен кон обновливи извори на енергија. Крајниот заклучок, како што рече, е дека државите во регионот можат тоа да го остварат до 2040 година.

Енергетската транзиција во Република Македонија е повеќе од потребна, од каде треба да се започне?

– Република Македонија веќе започна пред некое време, со усвојувањето на новата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, каде што прв пат, откако постои државата и нејзиниот енергетски систем се разгледуваат сценарија без употреба на лигнитот, кој во Македонија секако го има во мали количини. Пресметките се дека има за уште максимум 25 години активно користење. Овие сценарија треба да бидат пресликани и во државните политики кои мора да се признае во моментов не ја рефлектираат стратегијата во делот на напуштањето на лигнитот. Планско исклучување на РЕК Битола и РЕ Осломеј и праведна транизиција за илјадниците вработени не може да се спроведе во еден изборен циклус, Оттука што порано се започне со планирање на „што по јагленот“, колкави средства се потребни за праведна траницизија и згрижување на работниците, колкави средства за нови капацитети и понатамошно регионално поврзување, толку понеболно ќе биде и помалку ќе чини целиот процес. Мора да се постави краен рок кога и последниот блок кој работи на лигнит ќе биде исклучен за да може воопшто да се пресметаат и потребните средства како и времето во кое ќе се изградат капацитетите на обновливи извори, како на гас доколку има потреба.

Возможно ли е да се напушти јагленот на Западен Балкан и да се премости со обновливи извори?

– Да сосем е возможно каде било, во моментов на пример нe мал број земји и прават вакви планови, најблиску кај нас Грција која што планира до 2028 да ги исклучи од употреба сите термоелектрани. Понатаму на пример целосна декарбонизација, не само напуштање на јагленот, планираат и Кина – 2060, Јапонија 2050, ЕУ-27 исто така до 2050 итн. Секако аргументот дека се тоа богати, развиени земји или земји со вртоглав раст на БДП е доста важен, меѓутоа она што е исто така важно е дека малите земји како Македонија или нејзините соседи имаат потреба од многу помали инвестиции и освен тоа местоположбата е таква да има огромен потенцијал за развој на обновливите извори, како сончевата и ветерната енергија. Според Меѓународната агенција за обновливи извори ИРЕНА, овој регион има капацитет во 2030 да има 30,5 гигавати инсталирана моќност од обновливи извори (сончева, ветерна, хидро, геотермална енергија итн). Во 2018 година ситуацијата е таква што над 60 отсто од инсталираната моќност во регионот се термоцентрали постари од 30 години, во некои случаи и 40 години, без филтри, кои енормно загадуваат.

Оваа ситуација е неодржлива што поради староста на капацитетите, што поради се поригорозните регулативи за емисии, како и ефектите од растечките цени на тон ЦО2, како и претстоечката тарифа за увоз на ЕУ т.н. Carbon Border Adjustment Mechanism. Студијата која што ја подготвува „Агора Енергивенде“ со Енервис (Германија) покажува дека е возможно до 2040 да се затворат блоковите, при што би се замениле пред се со капацитети на сонце и ветер, при што нема да се загрози безбедноста во снабдувањето, основно правило кога планирате што со старите капацитети и како понатаму. Со тоа што новите технологии веќе развиени во земји како Германија или Кина се веќе евтини и оттука многу подостапни отколку што биле пред десетина години (цената на фотоволтаиците глобално од 2010 до 2019 паднала за неверојатни 82 проценти), нашиот заклучок е дека тие ќе придонесат за помали цени на пазарот на електрична енергија, ќе ги намалат системските трошоци поради тоа што на нив не влијае цената на тон ЦО2 и за разлика од термоелектраните нема да бидат финансирани преку буџетот, туку доколку е пазарот отворен и либерализиран, преку пазарни механизми при што поддршката од државата ќе биде минимална. Покрај тоа, обновливите извори на енергија придонесуваат за подобар квалитет на воздухот и нудат можности за нови работни места со што може да се осигура државата дека никој нема да остане без работа при преминот од јаглен кон ОИЕ. Крајниот заклучок е дека државите во регионот можат ова да го остварат до 2040.

Што ќе значи воведување на нов данок од страна на Европска Унија, таканаречен Carbon Border Adjusment за македонското производство на лигнит?

– Оваа тарифа се планира како дел од Зелениот Договор и секако не е насочена само кон Западниот Балкан, туку кон сите трговски партнери на ЕУ. Европската Унија со планот дека ќе се декарбонизира до 2050 година и менувањето на производствените процеси како во енергетиката така и индустријата сака да се заштити од таканеречениот carbon leakage или пренос на индустриското производство, но и увоз на струја, во земји кои што немаат строги еколошки правила и цена на ЦО2, како Западниот Балкан, при што емисиите на јаглерод само се преместуваат од ЕУ во друг регион со што се ништи поентата на Парискиот Договор дека емисиите треба да се кратат на глобално ниво. Се уште не се знае како ќе изгледа оваа нова тарифа, но она што се претпоставува е дека ќе има негативни последици врз економиите во регионот, како и Македонија, затоа што се базирани на емисионо-интензивна енергија, т.е лигнит, но и нафта, гас, што полека се исфрла од употреба во ЕУ. Со немањето сопствена цена т.е данок на ЦО2 кој што би го плаќале големите загадувачи, данок кој потоа би се користел за зелената енергетска транизиција, земјите како Македонија ризикуваат да плаќаат допонителни тарифи на ЕУ со тоа што извозот на струја ќе стане поскап, нема да останат парите од давачките во домашниот буџет, а и нема да се намалат емисиите затоа што наместо да се инвестира во чиста енергија ќе се плаќаат тие средства на ЕУ. Земјите од Западен Балкан мораат посериозно да следат што се случува во ЕУ со овие планови, но и воопшто со плановите за декарбонизација, доколку не сакаат уште повеќе да заостанат зад земјите членки на Унијата.

Со воведувањето на нови тарифи кон Западен Балкан за оданочување на емисиите исплатливо ли е градење на нова термоелектрана?

Не, воопшто. Дел од проектираните блокови како Какањ блок 8 во БиХ на пример не се исплатливи ниту денес без никакви даноци поврзани со емисии на ЦО2. Ова значи дека производството од јаглен и лигнит станува се понеисплатливо со мали шанси да инвеститорот успее да си ја поврати инвестицијата имајќи го во предвид животниот век на овие блокови (40 години). Но и едноставно не може јагленот да се натпреварува со другите поефтини и веќе достапни извори како сончевата или ветерната енергија, а не особено на долг рок при премин кон целосна декрабонизација на ЕУ. Оттука секоја нова инвестиција во лигнит во која било земја, која сака да стане ЕУ членка ќе значи загуба за инвеститорот дури и пред таа да биде изградена.

Какви се финансиските проекции за транзиција од јаглен кон обновливи извори за регионот?

Секако најважно прашање е колку сето тоа ќе чини и кој сето тоа ќе го плати. Ако гледаме од аспект на една мала земја во развој секоја сума изгледа голема. Меѓутоа ставено во еден поинаков контекст работите не се така едноставни. Пресметките на нашата студија кажуваат дека во наредните 20-30 години за премин од јаглен кон обновливи извори во сите шест земји од регионот, вкупно ќе бидат потребни околу 40 милијарди евра. Ова можеби изгледа страшно многу, но ќе напоменам, само помошта за справување со последиците од корона пандемијата на ЕУ за своите земји членки за само три години (2021-2023) изнесува неверојатни 750 милијарди евра. Вака гледано 40 милијарди евра за инвестиции за целосна трансформација на шест енергетски системи навистина е мал дел од големата слика. Она што е важно е дека земјите од регионот не треба во ниту еден случај да бидат оставени сами на себе и потребна е поддршка од развојните фондови на ЕУ, поголема вклученост на развојните банки како и отвореност према други земји кои би можеле да помогнат во енергетската транзиција, како Јапонија, САД, па дури и Кина.

Што значат обновливите извори за домаќинствата и компаниите за сопствени потреби, односно граѓаните како треба да станат свесни за итната потреба за користење на обновливи извори преку кои ќе се заштити и животната средина?

Енергетска транзиција подразбира буквално вклучување на сите корисници дали преку инвестирање во кровни фотоволатици, или пак електрични возила или преку избор на снабдувач кој што ќе ви доставува струја од локалната ветерна или сончева централа итн. За жал во Македонија доста малку се зборува и за просумерите, мали произведувачи како домаќинства или малите и средни претпријатија, а за таканаречен demand-side management или активно вклучување на корисниците на струја во балансирањето на системот базиран на обновливи извори кои не се постојани поради тоа што зависат од временските услови, воопшто и не се разговара. Потребата од активно вклучување на корисниците само ќе се зголеми со паѓањето на цените на батериите и системите за складирање, а и секако со се подостапната цена на фотоволтаиците. Неможно е да се гради нов систем ако постојано се гледа кон минатото и тоа како порано се раководела енергетиката. Без децентрализиран приод многу бенефити за домаќинствата и малите бизниси ќе се пропуштат.

Кое е вашето видување какви треба да се проекциите на Македонија во енергетиката во следните пет години?

Во следните пет години Македонија треба најпрво да прогласи датум за кога конечно ќе реши да го прекине производството на електрична енергија од лигнит, да постави сопствени напредни таргети за колку од производството во 2030, 2040 и 2050 ќе доаѓа од сонце и ветер и базирно на тоа да се осврне кон пазарни модели како аукции во привлекувањето како странски така и домашни инвеститори. Инклузивна, транспарентна енергетска транзиција е возможна само доколку домашните политички елити ја увидат корисноста од тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/03/2021 11:32