Со поддршка на Министерството за култура, Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево ќе го „оживува“ културниот живот во градот. Директорот на установата Методи Толевски е задоволен што по подолго време установата доби 17 проекти кои според него се од исклучителна важност за работата на дејностите кои функционираат во рамки на работата на установата.

-Во зависност како ќе се одвива ситуацијата со здравствената пандемија ние имаме богата понуда во сите дејности со кои што работи нашата установа. Оваа година добивме проекти од драмската дејност, добивме десетина проекти од сценско-музичко фолклорната дејност, проекти од инвестиционо-технички одржувања, како и традиционални манифестации кои се препонзатлив бренд за Пијанечкиот регион, истакна Толевски.

Директорот на делчевската културна установа е дециден дека проектите кои вклучуваат учество на фолклорни групи и поединци ќе се реализираат на отворено.

-Сите директори на Националните установи се сложивме дека најголем дел од проектите особено оние од сценско-музичката дејност, ќе гледаме да ги реализираме на отворено, што значи дека ќе се одвиваат во потпопли временски услови, додава Толевски.

Меѓу позначајните настани кои ќе се реализираат со покровителство на Министерството за култура Толевски ги посочи Голачките фолклорни средби кои се закажани за 2 август годинава, како и Традиционалниот саем на стари занаети кој по пауза од две години повторно ќе се одржи во Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2021 22:58