Градот Токио побара денеска дозвола од Владата на Јапонија за спроведување итни мерки за сузбивање на брзото ширење на коронавирусот на приближно три месеци до најавениот почеток на Олимписките игри.

Токио во јануари ја укина вонредната состојба, а гувернерката Јурико Коике им изјави на новинарите дека побарала од централните власти да се дозволат казни против фирмите кои им пркосат на анти-ковид мерките и казни за оние кои не ги почитуваат.

Барањето на Токио доаѓа ден откако префектурата Осака побара итна медицинска помош поради максимална исполнетост на болничките капацитети со новозаразени со коронавирус.

Токио во средата имаше 555 нови случаи на заразени со коронавирус што е највисока бројка од почетокот на февруари.

Коике истакна оти е вознемирена од брзата трансмисија на новите мутации на коронавирусот, особено британскиот.

– Прашање на време беше само кога Токио ќе се соочи со ситуација слична на онаа во Осака, изјави првиот човек на јапонската престолнина, која во јули треба да биде домаќин на Олимписките игри.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2021 21:27