Жителите на населбата Трајаново Трло во Кочани денеска организираа протест против изградбата на станбени објекти за сместување на социјално ранливите семејства кои се сместени во Старата касарна во централното градско подрачје.

На протестот тие го блокираа пристапот на градежните машини што дојдоа да го расчистуваат теренот за градба. Нагласија дека не сакаат во месноста Пресечена Скала, што е во непосредна близина на нивната населба, да се населат лица со сомнително однесување, бидејќи се загрижени за својата безбедност.

– Сметаме дека се работи за луѓе со кои имаме лошо искуство, поради тоа што прават кражби и штети по имотот. Оваа локација некогаш беше како парк, а сега е претворена во депонија. Ќе ја блокираме изградбата на објектите, затоа што не сакаме тие да бидат лоцирани овде. Веќе неколку седмици немаме мир од нив, постојано се соочуваме со кражби, иако неодамна организиравме протест со барања да се преземат мерки – истакнаа граѓаните кои учествуваа на протестот.

Од локалната самоуправа на Кочани рекоа дека имаат разбирање за протестот и барањата на граѓаните, поради што привремено се запрени активностите за изградба на објектите.

– Легитимно демократско право на секој граѓанин е да го изрази своето незадоволство, но постапката за градење на објектите за семејствата од Старата касарна е донесена според сите законски процедури, транспарентно, со јавни расправи и едногласно изгласана од општинскиот Совет. Активностите траат три години, обезбедени се финансиски средства, а на јавен повик е избрана фирма изведувач. Утрово имав средба со претставници на иницијативниот одбор за протестот и ги информирав дека наша законска обврска е да ги спроведуваме одлуките на Советот. Сепак, за да се расчистат сите недоумици, решив целата постапка да запре и да се преиспита уште еднаш, поради што таа повторно ќе се најде на разгледување пред советниците на првата наредна седница – истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Според урбанистичката документација и изработениот проект, објектите за домување на станарите од Старата касарна треба да се градат во месноста Пресечена Скала, на северниот дел на Кочани.

Парцелата со површина од 2,9 хектари е на земјиште во државна сопственост, а со планскиот опфат се предвидени дваесетина градежни парцели. За реализација на оваа инвестиција обезбедени се околу 23 милиони денари од државниот буџет и сопствени средтва на локалната самоуправа.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2021 23:08