Од денеска до недела на Осломејско Езеро ќе биде организираан првиот крапски риболовен натпревар „Боила куп 2021", на кој ќе учествуваат 16 екипи составени од по тројца спортски риболовци.

На овој куп екипите ќе ловат цели 72 часа или од четврток во 8 часот до недела во 8 часот. Според пристигнатите пријави на годинешниот „Боила куп" ќе учествуваат спортско-риболовни екипи од Скопје, Велес, Струга, Струмица, Кочани, Кичево и речиси од сите градови од земјава, рече Мире Ночески, портпарол на риболовното друштво „Хантер Фиш" од Кичево, кое е организатор на Купот.

Тој додаде дека секој учесник на Купот платил котизација од 5.000 денари, а наградите за најдобрите се доста примамливи.

– Секоја од екипите ќе може да лови на шест трски. Наградите се многу богати и покрај трите првопласирани екипи, ќе биде награден и риболовецот кој ќе го улови најкрупниот примерок крап на Лупот, додасе Ночески.

Изминатава недела се извршија темелни подготовки на крајезерскиот појас и беа изградени 16 боксови за секоја од екипите на прописно меѓусебно растојание од 50 метри.

– За целосно подготвени да го дочекаме првиот „Боила куп", изминатава седмица спроведовме интензивни подготовки од изградба на пристапни патишта до Езерото, подготовка на боксови за натпреварувачите и отстранување на комуналниот отпад од околината на езерото. Со сите предуслови што ги обезбедивме за спортските риболовци од земјава, создадовме услови за европски спортско риболовен натпревар, рече Слободан Страшеноски, член на риболовното друштво организатор.

Годинава на ова езеро се очекува да се одржат уште три големи натпревари со меѓународен предзнак.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/04/2021 23:08