Речиси 90 отсто од студентите во САД најверојатно или секако ќе се вакцинираат, се дознава од анкета на порталот „Бит д вајрус” и „Џенерејшн лаб”, изработена за Аксиос.

Според анкетата, студентите се спремни да се вакцинираат најмногу поради тоа што сакаат да го обноват својот социјален живот.

Триесет отсто од нив изјавиле дека главна причина е рестартирање на личните односи додека 23 отсто кажале дека причина е можноста за повторна лична посета на разни настани како спортски натпревари, концерти во живо или кафулиња.

Анкетата била спроведена од 24 до 30 март, испрашани биле 808 универзитетски студенти.

Се дознава дека студентите по универзитетите во САД придонеле за ширење на вирусот и дека е потребно да се вакцинацираат за пандемијата да биде ставена под контрола, пред да се прошират други мутации.

Според бројачот на Њујорк тајмс, повеќе од 120,000 Ковид-19 случаи од почетокот на 2021 година се поврзан со универзитетите и колеџите.

Повеќе големи универзитети веќе инсталираат објекти за масовна вакцинација во своите кампуси и ги повикуваат студентите да се вакцинираат. Високите школи во САД можат да станат клучни места за зголемување на стапката на вакцинации.

Од слична анкета на истражувачкиот центар „Пју” се дознава дека меѓу младите во САД, иако помалку (60 отсто), но постои ентузијазам за вакцинирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 00:19