И покрај повиците за смирување, упатени од Лондон, Даблин и Вашингтон, нови насилства избија синоќа во Северна Ирска, која во последната седмица е зафатена од најголемите немири во последните години. Делови од Северна Ирска се соочија со седмата последователна ноќ на насилство откако унионистите и националистите се судрија со полицијата, но и едни со други.

Во Белфаст, специјалната полиција се соочи со републиканските демонстранти, кои кон нив фрлаа камења и молотови коктели, додека се обидуваа да ја спречат насобраната толпа да се упати кон унионистите.

Во немирите досега се повредени над 50 полицајци. За три децении, 3.500 луѓе се убиени во судирите меѓу републиканците, претежно католици кои се приврзаници на обединувањето со Ирска и протестантските унионисти, жестоки поддржувачи на припадност кон Велика Британија.

Новите насилства избија иако британските и ирските премиери повикаа на смиреност во текот на денот, придружувајќи им се на повиците на лидерите на Северна Ирска, и унионистите и републиканците, кои го осудија „неприфатливото“ насилство, во услови на тензии и негодувања околу Брегзит.

Пред вонредната седница на локалниот парламент, владата на Северна Ирска, составена од унионисти и републиканци, издаде заедничко соопштение во кое го осудува насилството кое е целосно „неприфатливо и неоправдано“ и повика на прекинување на „нападите врз полицијата, јавните служби и (северноирската) заедница“.

Белата куќа, исто така, повика на смиреност и истакна дека е „загрижена“ поради насилството, додека Џо Бајден, горд на своето ирско потекло, веќе изрази загриженост за последиците од Брегзит по мирот во покраината.

Брегзит ја ослаби кревката рамнотежа во покраината со воведување царински контроли помеѓу Велика Британија и Европската унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 10:56