Во синоќешната заедничка акција на италијанската полиција против организираниот криминал, карабинерите и финансиската полиција уапсени се над 30 лица во сицилијанската провинција Месина.

Од акцијата погодени се неколку моќни мафијашки кланови, меѓу кои кланот на Џовани Ло Дука, кој неодамна беше ослободен откако издржа 13-годишна затворска казна. Тој сега е повторно уапсен заедно со уште 20 лица вклучени во разни видови криминални деловни активности. Додека други 10 соучесници се во домашен притвор.

Сите уапсени се обвинети за вмешаност во мафијашки активности, изнуда, трговија со дрога, киднапирање, нанесување тешки телесни повреди, недозволено држење и носење оружје и други кривични дела. Истрагата беше насочена посебно кон изборни измами во кои учествувале мафијаши и политички фигури.

Паралелно со тоа Финансиската полиција ги истражува активностите на кланот предводен од Салваторе Спарачо, кој го контролира профитабилниот сектор за коцкање и лотарија. За време на операцијата конфискувана е една компанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 15:32