Норвешката полиција во петокот објави дека ја казни премиерката Ерна Солберг за кршење на правилата за физичко растојание поради ковид-19 за време на организација на семеен собир како дел од нејзиниот роденден.

Ројтерс пренесува дека началникот на полицијата Оле Сајеваруд на прес-конференција објави дека казната за премиерката е изречена во износ од 2.352 долари.

Минатиот месец Солберг се извини поради организирањето прослава за нејзиниот 60-ти роденден со 13 членови на семејството во планинското одморалиште кон крајот на февруари, и покрај забраната на владата за собирање на повеќе од 10 лица.

Ројтерс известува дека полицијата нема да изрече парична казна во повеќето вакви случаи, но дека тие објасниле дека премиерката е на чело на владиниот тим што ги воведе ограничувањата, па затоа нејзината одговорност е поголема.

„Иако законот е ист за секого, не се сите еднакви пред законот“, рече шефот на полицијата, оправдувајќи ја казната, наведува агенцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 15:37