Во Тетово повторно се бележи отежнатото водоснабдување, а овој пат проблемот не е во некој поголем дефект. Граѓаните се жалат дека вода има многу рано наутро или во доцните вечерни часови, а од ЈКП Тетово објаснуваат дека причината е во намалените количини вода. Отежнатото водоснабдување сега се јавува во населби каде претходно во време на поголемите дефекти немаа поголем проблем.

– Во Блок 70 пет дена немавме вода од 9 до 18 часот. Вчера (четврток) дојде дури во 21 часот. ЈКП и Водовод буквално не игнорираат, не објавуваат ништо да си планираме домашните активности, а најлошото е што сме и редовни плаќачи, за што ги плаќаме фактурите, велат жителите од комплексот згради Блок 70 во Тетово.

Раководителот на работната единица „Водовод и канализација” Љуљзим Шаќири објаснува дека не станува збор за дефект и дека нагло намалените температури, ладното време и снегот предизвикале замрзнување на изворите со вода на Шар Планина. Намалени се количини на вода кои стигаат до градската водоводна мрежа и со тоа и многу мал е притисокот кој ја носи водата до домаќинствата.

– Производството на вода се намали некаде за 80 литри од изворите во планина. Од потребните 300 литра од планинските извори имаме 220 литри вода во секунда. Со 60 литри вода од бунарите достигаме до 270 литри. Сега вода нема доволно на места каде не може да се создаде притисок за да стигне до тие домаќинства како што се згради без хидрофор. Нашите работници одат до изворите за да го кршат мразот за да има доволно вода и да не се намали и оваа мала количина, објаснува Шаќири.

Тој уверува дека за уште неколку денови согласно повеќегодишната практика ќе почне топење на снегот и значително зголемување на количините на вода за пиење од планинските извори.

– Практиката покажува дека во април издашноста на изворите се зголемува и со тоа ќе има доволно вода за пиење. Се топи снегот на повисоките предели на Шар Планина што резултатира со зголемување на издашноста на изворите со вода кои се наоѓаат на тие места, вели Шаќири.

Од почетокот на годината тетовци се соочуваат со чести прекини и рестрикции на водоснабдувањето. На два наврати имаше скршени цевки поради лизгање на земјиштето, затнати филтри во пречистителната станица и слични проблеми.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 15:40