Авиокомпаниите кои имаат 737 авиони MAX во својата флота ќе мора повторно да ги приземјат, откако производителот на тие авиони, Боинг, денеска соопшти за нов проблем – овојпат со електричниот систем.

„Боинг“ извести 16 клиенти да решат потенцијален проблем со електричната инсталација во одредена група од авиони 737 MAX пред да продолжат со летови, соопшти компанијата.

Авиокомпаниите треба да проверат дали една од компонентите на електричниот систем на авионот е доволно заземена, прецизира американскиот производител и додава дека соработува со американската Федерална управа за авијација во решавањето на проблемот.

„Боинг“ не наведе на кои 16 авиокомпании се однесува ова предупредување или на колку авиони се однесува дефектот.

Сите авиони „Боинг 737 МАХ“ беа приземјени низ целиот свет 20 месеци, од март 2019 година до ноември 2020 година, по две кобни несреќи во кои загинаа 346 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2021 22:21