Возачот на Ферари, Чарлс Леклерк, од денеска е сопственик на нов автомобил, истиот со кој во 2019 година ги постигна своите единствени две победи во трките во рамки на Светското првенство во Формула 1.
Леклерк ја сподели веста преку својот Инстаграм профил, објавувајќи фотографија од болидот.
-Нешто посебно само што пристигна дома, напиша 23-годишниот жител на Монте Карло, покрај фотографијата од болидот SF90 на Ферари со кој триумфираше на трките за Големата награда на Белгија и Големата награда на Италија на патеката во Монца.
Од Ферари на Твитер му одговорија на Леклерк со порака „се надеваме дека уживаш“.
Леклерк двете победи ги забележа во својата дебитантска сезона во тимот на Ферари.