Околу 90 отсто од наставниците во основните училишта во општина Кочани се пријавиле за вакцинирање против корона-вирусот.

Најголем интерес покажале вработените во ОУ „Малина Попиванова" кои, заедно со своите колеги од другите училишта, на почетокот од наредната недела ќе ја примат првата доза од вакцината „Спутник В" во вакциналниот пункт во спортскиот центар „Борис Трајковски" во Скопје.

– Очекувам колегите кои сѐ уште не се пријавиле за вакцинирање против Ковид-19 да го променат својот став. Дел од наставниците веќе го прележаа вирусот и имаат антитела, поради што ќе почекаат да помине извесен период пред да ја примат вакцината. Во нашето училиште досега се вакцинираа шест колеги, од кои петмина во Скопје и еден во соседна Србија, а ние ги преземаме сите мерки за здравствена заштита на вработените за да можеме во иднина да обезбедиме настава со физичко присуство, истакна Благој Давитков, директор на ОУ „Раде Кратовче".

Во првата фаза од вакцинирањето на наставниот кадар во основните училишта опфатени се наставниците кои предаваат од прво до трето одделение, поради тоа што спроведуваат настава со физичко присуство. Се очекува наскоро да бидат вакцинирани и наставниците кои спроведуваат онлајн-настава, како и техничкиот персонал на училиштата.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2021 13:13