Неодоливите меки играчки плетени во јапонската техника амигуруми ( Amigurumi) стануваат се побарани и во Куманово. Педесет и четиригодишната Соња Михајловиќ од кумановското село Љубодраг веќе извесен период ја усовршува оваа техника на плетење. Меките зајачиња, мечиња, куклички најчесто се барани од родителите на малите деца. Техниката бара многу трпение кое не и недостасува на вљубеничката во плетењето. За изработката на овие меки кукли инспирација наоѓа од секојдневието, од интернет и различните веб-страници наменети за оваа техника.

Најчесто користи волна и памук, што според Михајловиќ се најсоодветни материјали за децата. Овие природни материјали се меки и нежни на допир, дечињата обожаваат да ги држат во рацете. Можат да се плетат и со мерицлизиран конец, кој исто така е квалитетен. Материјалите за изработка можат лесно да се најдат и многу значајно е што се еколошки. Изработките лесно се одржуваат може да се перат рачно и машински.

– Самиот чин на плетење се разликува од претходните форми. Се користи специјална шема. Има повеќе веб страници каде детално се објаснети чекорите на плетењето на фигурите. Треба многу време да се сплете една изработка бидејќи, се користи таканаречен „мртов бод“, што не дозволува да се брза. Плетењето оди споро, се брои, за да се добие точна и прецизна форма. Потоа се шие и има дополнителни ситни детали, како што се очиња за што, исто така е потребно време, да се посвети доволно внимание за да излезе перфектно колку што може поубаво, вели Соња.

Таа ги користи социјалните мрежи за да ги промовира изработките, но најзначајно е што сите кога ќе ги видат изработките, сите порачуваат, бидејќи се воодушевени. Поголемите девојчиња бараат кукли, додека помладите бараат форми на животни. Во пресрет на велигденските празници најмногу се бараат зајачиња.

Изработката на амигуруми е широко распростанета по Европа. Михајловиќ користи искуства од Шпанија, Русија, Украина и земјите од регионот. Наскоро ќе почне со изработка на јунаците од дизни и верува дека децата ќе бидат заинтересирани за овие форми.

Амигуруми е јапонска техника која во буквален превод значи плетена полетна кукла. Амигурумите можат да се разликуваат по големина. При плетењето се користат бод со едно, со две капчиња, спирални кругови, полнењето е стандардно и се користат познати материјали.

Плетењето и е пасија на кумановката Соња. Уште од најрана возраст ги совладала техниките на плетење облека, учејќи од нејзината мајка. Во текот на годините се усовршувала учејќи од пријателки и сосетки кои како повозрасни несебично ѝ го пренеле знаењето. Често, купувала и специјализирани списанија од регионот кои и помогнале да се усоврши во оваа активност. Клучно да почне да се занимава со оваа техника е тоа што постојано барала да научи нови начини, нови форми на плетење.

– Секогаш кога мајка ми ќе го оставеше плетивото, го земав и пробував и токму така се научив. На кукли си плетев панталони, фустани. Како што созревав плетев во секакви техники, везев. Плетев облека за моите деца, сега и за внуката. За неа го плетев и првото амигуруми. Но, најважно е што отсекогаш сум сакала да научам нешто ново, затоа и почнав да ја користам оваа техника-раскажува Михајловиќ.

За неа плетењето е хоби кое ја исполнува, ја смирува и се надева дека ќе продолжи да плете и да се усовршува, бидејќи го работи со љубов.

– Се што се работи со љубов, без разлика колку време да потрошите поминува брзо и крајниот продукт ве исполнува вас и тие околу вас, вели Соња.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2021 11:41