Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, со цел да се поддржат компаниите да продолжат да работат, истакна вицепремиерот во Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Според него, клучни критериуми се ангажирање исклучиво домашни артисти и изведувачи, за во целост да се поддржи домашната сцена и настаните да се на тема од висок јавен интерес.

На овој начин, како што вели Битиќи за „Слободен печат“, ќе се придонесе и кон националната гордост, но обединување на највисок државнички интерес – а тоа оваа година е јубилејот 30 години независност на државата, како и 20 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Како што потсети вицепремиерот, во последниот петтиот пакет, креирана е наменска мерка за директна поддршка на економската гранка за организација на настани или уште позната како „ивент менаџмент индустрија”. -Обезбедивме еден милион евра неповратни финансиски средства за организација на најмалку 40-тина настани, за чија реализација очекуваме да бидат ангажирани повеќе од 100 компании како организатори и подизведувачи и изнајмувачи на техника, но и ангажман на изведувачи, уметници, музичари, артисти, културни работници, фотографи, сниматели, продуценти, техничари и други професии кои вообичаено се ангажираат во и околу ивент индустријата, рече Битиќи.

Целта е, како што посочи, да се поддржат компаниите да продолжат да работат, да се поттикнат да го прифатат предизвикот да се прилагодат на променетите услови и да го искористат својот креативен капацитет за да креираат содржина.

-Значи, не станува збор за поддршка за да се седи под клуч во услови на пандемија, туку обратно – овозможуваме буџет кој ќе ја држи оваа економска гранка жива, активна, за да се создава содржина, да зрачат овие оператори во етер, да се продуцира нова програма и секако тие содржини да доаѓаат до граѓаните, до различните публики, до народот, додава Битиќи.

Тој смета дека со најмалку милион евра ќе се поттикне ивент индустријата да работи дури и во време на рестриктивни мерки. Како што појасни, условите ќе бидат такви да ги задолжат операторите да организираат настани исклучиво според сите актуелни КОВИД-19 здравствени протоколи, што значи дека настани и продукција на содржина се можни дури и во време на пикови, преку онлајн врски, видео стриминзи, преку медиумите – на пример, артистите на некој локален плоштад, а граѓаните, публиките дома, онлајн пред својот телефон или компјутер, пред ТВ или радио приемниците.

Посочи дека јавниот повик е во финална фаза на подготовка и очекува да биде објавен во следните две недели.

-Тој ќе биде отворен до почетокот на месец мај, после што ќе бидат обезбедени грантови за апликантите кои ќе ги исполнат условите, а од месец јуни па до крајот на септември очекуваме реализација на десетици настани и моќно културно лето со работен наслов „30 години Независност”, рече Битиќи.

Тој потенцира дека се добредојдени и настани посветени на македонската култура и традиција претставени преку идентитетските специфики на македонскиот народ и преку промоција на македонскиот јазик, како и настани за културата и традицијата на албанскиот народ во Македонија и промоцијата на албанскиот јазик, но и настани за промоција на културата и традицијата на Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите други заедници кои живеат во Македонија.

Најави дека наскоро на располагање на ивент индустријата, но и за други економски гранки ќе бидат и дополнителни 10 милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, од кои до 50 отсто ќе бидат неповратни средства.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2021 14:23