Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Иран никогаш не се откажал од напорите да се стекне со нуклеарно оружје и оти Израел нема да дозволи Техеран да го создаде.

Обраќајќи им се на новинарите заедно со американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кој е во посета на Израел, Нетанјаху не го коментираше иранското обвинување дека Израел го саботирал нивниот клучен нуклеарен објект во Натанц.

Вчера се случи инцидент на мрежата за снабдување со електрична енергија во иранската подземна нуклеарна централа Натанц, само еден ден откако Техеран стави во употреба нови, подобрени центрифуги за збогатување на ураниум.

– Иран никогаш не се откажал од потрагата по нуклеарно оружје и ракети да го испорачаат, рече Нетанјаху. Тој истакна дека никогаш нема да дозволи Иран да стекне нуклеарна способност и да ја спроведе својата, како што рече, геноцидна цел – уништување на Израел.

Иран тврди дека ја развива својата нуклеарна програма исклучиво за мирнодопски цели.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 22:28