Американскиот државен секретар Ентони Блинкен од утре до 15 април ќе престојува во Брисел каде заедно со министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, ќе врши консултации со НАТО сојузниците и со партнерите, се вели во денешното соопштение од Стејт департментот.

Консултациите ќе бидат на низа теми за заедничките приоритети.

– Државниот секретар ќе ја искористи оваа прилика за повторно нагласување на заложбата за трансатлантското сојузништво како критично партнерство за постигање на заедничките цели, се вели во соопштението потпишано од портпаролот Нед Прајс.

Блинкен исто така ќе одржи и мултилатерални средби со своите европски колеги за разговори околу клучните приоритети и споделените предизвици.

Вонредната посета на Брисел на американскиот министер за одбрана и на државниот секретар, доаѓа во време на зголемена напнатост меѓу САД и ЕУ од една, и Русија од друга страна, поради распоредување на руската војска во близина на источната граница со Украина.

САД минатата недела испратија два воени брода разурнувачи во Црното Море, додека Русија врши надлетувања над регионот, испраќа свои десантни бродови и вели дека НАТО сè уште одржуваат воени маневри во Црното Море кои започнаа на почетокот на март.

Западните набљудувачи велат дека раздвиженоста на силите на НАТО во Црното Море е реакција на се поголемата милитаризација на црноморскиот регион од страна на Русија, откако Москва го анкетираше Крим од Украина во 2014 година.

Конфликтот во источна Украина во изминатиот период се засили меѓу регуларната војска на Киев и проруските милитанти, при што имаше повеќе спорадични престрелки. САД и Украина известија за загинување на барем пет украински војници само минатата недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 22:29