Албанија денеска ќе добие нова пратка од 7.020 дози вакцини од Фајзер, а набрзо се очекува друга пратка со поголем број вакцини, изјави министерката за здравство Огерта Манастирлиу.

Заедно со премиерот Еди Рама одблиску го следеа процесот на имунизација против Ковид-19 на постари лица во градот Елбасан.

-Процесот на вакцинација ќе продолжи со планираната динамика, откако имавме мало забавување поради 48-часовната блокада на аеродромот поради штрајкот на контролорите. Досега се вакцинирани над 185 илјади постари лица или вкупно повеќе од 260.000, здравствени и просветни работници, вработени во градинки, новинари, полициски службеници, припадници на армијата и на Националната гарда, рече Манастирлиу.

Додаде дека вчера почнала вакцинација на постари лица од 65 години а денес на хронично болни над 60 – годишна возраст.

Во меѓувреме продолжува да спласнува пикот на болеста присутен минатиот месец. Во последното деноноќие опасниот вирус е дијагностициран кај 125 лица, од направени 1.983 тестови, починале четири а закрепнале 546 лица. Бројот на активни сè уште е висок односно 27.928 случаи.

Поради стабилната епидемиолошка состојба врз основа на вчерашната одлука на Комитетот на експерти за справување со пандемијата од вечерва полицискиот час почнува во 22:00 часот наместо во 20:00 и трае, како до сега, до шест часот. Од денес исто така почнаа летовите кон и од Велика Британија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 22:57