Со порастот на бројот на новозаболени од Ковид-19 изминатите десетина дена, се зголеми и бројот на хоспитализирани во модуларниот ковид центар во Кичево.

Ако и наредните денови продолжи нагорниот тренд, треба да се очекува неговиот капацитет да биде целосно пополнет или да бида згрижени вкупно 45 пациенти.

-Со појавата на британскиот сој на коронавирусот, бројот на новозаболени од Ковид-19 во нашата општина е секојдневно во пораст. Така денес во модуларниот ковид центар имаме згрижено 40 пациенти, од кои над 60 отсто се на кислородна подршка, а двајца од нив се во исклучително тешка и животозагрозувачка состојба, вели Др.Балажи

Балажи најави дека повторно ќе биде отворен и делот од интерното одделение кој претходно служеше за оваа намена, ако продолжи овој тренд на брзо зголемување на хоспитализираните

-Бидејќи во модуларниот ковид центар имаме само пет слободни места, лесно може да се случи целокупниот капацитет да се пополни до средината на оваа недела. За да можеме да ги прифатиме новозаболените, ние го подготвивме и делот од интерното одделение каде претходно беа згрижени заболените од Ковид-19 пред отворањето на модуларниот ковид центар и каде во ист момент можат да се згрижат околу 30 пациенти. Покрај просторните услови, ние веќе подготвиме и екипи кои би работеле во овој оддел, без да се наруши лекувањето на останатите кои се во модуларниот ковид центар, додава Балажи и потсети дека вакцинацијата тече според планираната динамика и во 95 отсто случаи од пријавените ја примиле вакцината на Астра Зенека и одзивот на граѓаните е повеќе од задоволителен.

Тој појасни дека од денешните 27 тестирани граѓани , 11 биле позитивни што е далеку под бројките од претходна недела, кога процентуалната застапеност на инфицирани од тестираните изнесуваше над 60 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 23:46