Опозициската Демократската партија на Косово (ПДК) вели дека Владата предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти е неспособна да ја води државата и дека повеќе одошто со здравствената и економска криза во државата се занимава со изборите во соседна Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Шефот на пратеничката група на ПДК, Абељард Тахири на денешната прес-конференција изјави дека Косово е меѓу последните земји во светот кога е во прашање вакцинирањето, додека, како што рече „единственото што Курти го направи е блокирањето на државата”.

-Додека Косово е блокирано министрите и пратениците на партијата на Курти одат во Албанија за да водат кампања за тамошните избори. Од кога тој стана премиер (на 22 март), во Косово се регистрирани над 14 илјади нови случаи со ковид-19 и повеќе од 200 граѓани го загубија животот. Единственото што го презеде премиерот е изолирањето на Косово, додека неговите министри и пратеници „ја пробија опсадата” единствено за да заминат во Албанија и да водат кампања, изјави Тахири.

На изборите кои кон крајот на месецов ќе се одржат во соседна Албанија, тамошниот огранок на партијата на Курти ќе настапи со тројца кандидати за пратеници, кои, според медиумските извештаи, деновиве беа посетени и поддржани од високи претставници на ВВ.

ПДК, која според бројот на пратеници во новото Собрание на Косово, формирано по изборите од 3 февруари годинава, е најголема опозициска партија во државата, смета дека е опасен преседан тоа што Курти со свои кандидати учествува на албанските избори.

-Еден таков преседан каков што се случува во Република Албанија од страна на ВВ и Курти е опасен и штетен за односите меѓу двете држави, Косово и Албанија, изјави Тахири.

Претходно денеска и лидерот на другата опозициска партија, Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику ја обвини Владата на Курти дека ја запоставила борбата против пандемијата во Косово, занимавајќи се со парламентарните избори во Албанија.

Според Абдиџику, инволвираноста на премиерот, министрите и пратениците од ВВ на Курти во избори и протести во Албанија, „во време кога по 80 сограѓани неделно умираат во Приштина, кога старите и загрозените лица очекуваат вакцини, говори за незрелост и неодговорност” на актуелната влада

И доскорешната пратеничка на ЛДК, Мелихате Трмколи го оцени како опасно мешањето на Курти во изборите во Албанија.

Според Трмколи, на овој начин Курти се однесува исто како претседателот на Србија Александар Вучиќ и неговото мешање во Косово преку партијата на косовските Срби, Српска листа.

Поранешната пратеничка и воена ветеранка од војната со Србија во 1998-99 година вели дека Курти „директно или индиректно го легитимира кршењето на косовскиот суверенитет од страна на Србија”.

-Премиерот Курти, со неговото учество на изборите во Албанија, директно или индиректно го легитимира кршењето на косовскиот суверенитет од страна на Србија. Тоа е зачетокот на еден голем ризик и голема штета по државноста на Косово, напиша Трмколи.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2021 23:58