Со население од 23 милиони, и само единаесет мртви од почетокот на пандемијата со Ковид-19, Тајван се смета за една од најуспешните, ако не и најуспешната земја во светот во справувањето со кризата. Покрај екстремно нискиот број заразени, Тајван мината година постигна економски раст од над три отсто и планира над четири отсто за 2021.

Но, Тајван, како и многу други земји во светот, нема доволен пристап до вакцини, поради што одлучи да работи на развој на сопствени.

Во ексклузивно интервју за МИА водено преку Скајп, министерот за здравство на Тајван, Чен Ши-чунг, објаснува како неговата земја ја доби довербата и поддршката од населението од самиот почеток на Ковид-19. Во оваа земја командниот центар за здравство ги носи одлуките за пандемијата со целосна поддршка од државниот врв, но, предупредува господинот Чен, дистрибуцијата на вакцини е следниот голем предизвик за светот, бидејќи додека на се заштитат сите земји, пандемијата нема да запре.

Моето прво прашање е каква е сегашната состојба во Тајван во однос на Ковид-19, бројот на заразени, на починати, какви се мерките. Каква е ситуацијата сега?

Имаме кумулативен тотал од 1059 лабораториски потврдени случаи, од нив за жал единаесет починаа, а 23 се активни случаи и се третирани во болница во овој момент. Повеќето од овие случаи се увезени од странство. Од нив само 77 се заразени во Тајван. Во овој момент во Тајван мораме да носиме маска, да држиме социјална дистанца и да миеме раце често. Освен ова воглавно имаме нормален живот, ништо не е многу сменето. Нашите луѓе можат да одат во ресторан, во кино, во спортски центри. Имаме задолжителна мерка карантин за сите што влегуваат во Тајван, мора да се изолираат 14 дена. Овој период на карантин може да биде скратен ако се работи за дипломатски, економски или хуманитарни причини.

Дали добро разбирам дека се единаесет мртви вкупно, од почетокот на пандемијата?

Да, се разбира. Вкупно 11 од почетокот на пандемијата лани.

Тоа е многу импресивно гледано од Европа, така што морам да прашам како го објаснувате овој јаз помеѓу Тајван и остатокот од светот, вие сте една од ретките земји со вакви бројки. Како успеавте да го направите тоа?

Затоа што многу рано наметнавме многу строги гранични мерки. Исто така имаме многу солиден здравствен систем. Имаме и закон за заразни болести кој ни дава законска база за преземање административни мерки многу брзо. Притоа имаме многу ефикасен команден центар кој ни овозможува да носиме брзи одлуки за да можеме брзо да реагираме на пандемии.

Дали можете да ни кажете повеќе за тајванскиот здравствен систем прво? Како функционира?

Националниот систем за здравствено осигурување ги покрива сите резиденти во Тајван без разлика на државјанство, што значи дека и странците се вклучени во нашето здравствено осигурување. Затоа имаме покриеност од над 99,9 отсто на нашиот систем за осигурување. Што се однесува до политиката на осигурување таа го покрива финансирањето на сите трошоци за болести, како и за бременост. Ова осигурување го покрива обичниот грип или дијареја па и трансплантација на органи, сѐ.

Ова е национален или приватен систем?

Ова е јавен систем на осигурување, да.

Во едно интервју за британски медиуми рековте дека во Тајван им дадовте целосна моќ на одлучување на научниците и на експертите. Можете ли да објасните како успеавте во тоа и зошто во Европа не успеваме да го направиме истото?

Откако се појави вирусот, многу малку ни беше познато за овој вирус и немавме многу научни докази. Знаевме дека доколку стане пандемија или епидемија ќе има многу бука или мешање од политичари и од општеството, така што организиравме експертска советодавна група чија улога е да дава научни совети и научна база. И, затоа што нашиот команден центар се покажа многу ефикасен од почетокот, ја добивме поддршката од политиката и од јавноста, и така можеме да ги имплементираме нашите мерки. Се трудиме исто така сите информации да бидат транспарентни. Речиси секој ден имаме прес конференција за да комуницираме со медиумите, да се осигуриме дека информациите стигаат до јавноста.

Во Европа исто така речиси секаде има експертски советодавни научни групи, но сепак отсуствува довербата од јавноста и има политичко мешање. Од каде е таа разлика според вас? Зошто овие експертски групи ја немаат истата тежина во Европа како што ја имаат во Тајван?

Секако дека и кај нас дел од нашето професионално мислење беше доведено во прашање, но нашиот однос е да задржиме транспарентност во информациите и се обидуваме повторно и повторно да ја пренесеме идејата. И затоа што сакаме да бидеме транспарентни и да комуницираме. Така ја заработуваме довербата и поддршката.

Како се справувате со контрадикторните информации? Од појавата на вирусот се случи повеќе пати да се откријат нови информации кои се во контрадикција со претходните, што влијае на довербата на граѓаните. Како се справувате со овие недоследности што се појавуваат, без притоа да ја изгубите довербата од јавноста?

Тешко е да се каже, но им веруваме на нашите експерти и се обидуваме без разлика на сѐ да комуницираме и мислам дека тоа е клучно. Една анкета направена минатата година во април или мај докажа дека имаме 96 отсто поддршка од јавноста.

Прочитав за тоа, прочитав и дека вие лично како политичар имате огромна доверба од јавноста, над 90 отсто?

Да, и треба да им се заблагодариме на нашата претседателка и на премиерот затоа што и двајцата имаат доверба во нас, што ни овозможува да бидеме ефикасни во спроведувањето на нашите политики.

Имавте ли мешање од бизнис заедницата и, ако имавте, како се справивте со тоа?

Лоби групите се секогаш присутни, но мнозинството од нив ги почитуваат нашите совети. Се разбира има малцинство кои не почитуваат или не ги слушаат препораките, но би рекол дека мнозинството се убедени во тоа што го кажуваме. Друга причина е тоа што јас лично инсистирам на некои работи и луѓето се свесни дека ако не се разумни нема да го прифатам нивното лобирање. Минатата година многу луѓе бараа олеснување на мерките, но реков отворено дека ако не се контролира пандемијата нема да има економски развој. Видовме толку многу земји што се колебаа помеѓу ограничување на вирусот и економско затворање, но затоа што не успеаја да го контролираат вирусот економијата ќе трпи последици. Секогаш им велам на луѓето во Тајван дека борбата против пандемија не е толку тешка, но мора да се биде конзистентна и да се направи тоа што мора да се направи и да го направите правилно.

Како што рековте на почетокот сега во вашата земја се отворени рестораните, кината, економијата функционира повторно, животот се враќа во нормала, и постигнавте и економски раст ако добро прочитав? Додека Европа се соочува со една од најдлабоките рецесии во историја.

Од јуни минатата година сите рестрикции се олеснети, имавме 3,3 отсто раст минатата година и очекуваме оваа година да постигнеме уште посилен економски раст.

Кој е вашиот совет до лидерите во ЕУ?

Од минатиот јануари или февруари има индекс на “локдаун“, минатиот јануари бевме на 30, па се симнавме на 20. Повеќето други земји се некаде помеѓу 30 и 80 и гледаме дека многу земји не го прават тоа што треба да го направат и во тоа да бидат истрајни. Често кога се под притисок од јавното мислење ги олеснуваат рестриктивните мерки и се соочуваат со нов пик. Одат нагоре-надолу и поради тоа им е многу тешко да го стават вирусот под контрола.

Да се префрлам на вакцините, до каде сте со вакцинацијата во Тајван? Колку луѓе се вакцинирани, како напредува?

За сега многу мал број од населението е вакцинирано и имаме многу ограничен пристап до вакцини. Имаме три главни политики за вакцинација од лани. Првата е да купуваме од други земји, другата е да разгледуваме лиценцирање, а третата е да развиеме сопствена вакцина. Според нашиот изворен план требаше да добиеме вакцини од други земји во првата половина од оваа година, нарачавме дваесет милиони вакцини, но за сега добивме само околу сто илјади од тоа што го нарачавме. Гледаме дека во светот нема сеопфатен механизам за дистрибуција на вакцини. За земји како Тајван е во ред, но за други земји кои се силно погодени од вирусот и кои се ранливи тоа им прави навистина штета. Во овој момент имаме два тајвански производитела на вакцини кои се во втората клиничка фаза на тестирање, нивните студии делуваат ветувачки така што се надеваме дека во втората половина од оваа година ќе можеме да имаме домашно произведени вакцини.

Мислите дека ќе можете да помогнете на други земји откако ќе имате ваша вакцина?

Се надеваме. Двата производитела имаат доста голем капацитет така што се надеваме дека ќе може да дистрибуираме вакцини на други земји откако ќе се развијат.

Тие вакцини што ги нарачавте од странство се нарачани преку механизмот Ковакс?

Да. Нарачавме десет милиони од вакцината на Оксфорд/АстраЗенека, 5,5 милиони од Модерна и уште 4,7 милиони од механизмот Ковакс. Од Ковакс добивме само 200 илјади вакцини.

На Западниот Балкан, во Македонија, добивме многу малку дози од други европски земји, и од Ковакс, ситуацијата не е на завидно ниво, имаме зголемување на стапката на починати во Македонија и се соочуваме со себичност од страна на ЕУ. Дали грешам ако претпоставам дека знаевте од почеток дека меѓународната заедница ќе се покаже себична и затоа вложивте толку во спречување на ширење на вирусот?

Пред три месеца јавно ги критикував големите земји за ова. Секако дека на големите земји им е потребно да ги купат тие вакцини што им требаат, меѓутоа не е во ред што купија повеќе одошто им е потребно. Овие големи земји кои имаат вишок требаше да испланираат ослободување од тој вишок на вакцини. Разбираме дека минатата година некои од овие земји беа многу силно погодени и не знаеја дали развојот на вакцини ќе успее или не и нарачаа повеќе одошто им беше потребно, но сега кога вакцините се успешни и произведени масовно, тие треба да го ослободат вишокот и да им помогнат на другите земји да добијат пристап до вакцини затоа што сѐ додека поединечни земји не се заштитени, оваа пандемија никогаш нема да запре.

Друг пример. Минатата година имаше недостиг на заштитни маски и имаше забрана за извоз на маски. Меѓутоа дури и пред тоа почнавме да донираме маски на други земји затоа што е многу важно да си помагаме меѓу себе. Минатата година кога почнавме да донираме маски на други земји имавме систем на рационализирање, секој во Тајван имаше право да купува девет маски секои две недели. Сакам да кажам дека е исто со вакцините. Не можете да чекате да ги имате сите вакцини пред да почнете да размислувате да донирате на други земји. Мора тоа да се направи најрано што е можно.

Колкава е довербата на населението на Тајван во вакцинацијата? Во Европа ситуација е нееднаква, се појавија проблеми со АстраЗенека, како реагираат луѓето кај вас?

Најчесто кога луѓето се чувствуваат загрозени од некоја болест имаат повеќе волја да бидат вакцинирани, но бидејќи во Тајван имаме толку малку случаи, луѓето не се чувствуваат толку загрозени од вирусот така што барањето за вакцинирање е прилично ниско. Кога зборуваме за вакцини во Тајван луѓето прашуваат „дали тоа значи дека ќе можам да патувам во странство?“ Освен за тоа немаат голем поттик за вакцинација.

Каков совет би им дале на лидерите од Западниот Балкан, чии земји се соочуваат со пораст на заболените, но и со себичноста на богатите земји?

Мислам дека вакцината не е апсолутно решение за сѐ. Така што пред да бидат достапни вакцините треба да се трудиме да ги користиме мерките за јавно здравје кои многу помагаат и не само да чекаме и да сметаме на вакцините, треба да реагираме пред тоа преку мерки. Пред вакцините да се достапни треба да се има соодветни мерки за изолација, миење раце, носење маски, држење социјална дистанца, држење на активноста на минимум и мониторинг на пандемијата. Тоа се работите што можеме да ги правиме пред да имаме пристап до вакцините.

Конечно, вашата земја не е членка на Светската здравствена организација поради блокада на меѓународно ниво. Мислите ли дека доколку бевте членка на СЗО ќе бевте слушнати и ќе можевте да влијаете позитивно во оваа организација на самиот почеток од пандемијата со споделување на вашето искуство?

Тајван е многу заинтересиран во членство во Светската здравствена организација затоа што имаме многу високи здравствени стандарди и националниот здравствен систем, систем на осигурување и нашето искуство со менаџирање со пандемии и би биле многу среќни да го споделиме нашето искуство и да им помогнеме на други земји. На пример, кога започна оваа пандемија, ако СЗО обратеше поголемо внимание на предупредувањата што ги испраќаше Тајван, да ги прогласеше мерките за итни здравствени состојби (PHEIC) само неколку дена порано мислам дека ситуацијата со пандемијата ќе беше многу различна и ќе имаше позитивен импакт.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2021 12:43