Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ нема да ја брани титулата на АТП турнирот од серијата Мастерс 1000 во Мадрид што започнува идната недела, откако донесе одлука да го откаже настапот, соопштија денеска организаторите.
– Жалам што нема да можам да дојдам оваа година во Мадрид и да се сретнам со моите навивачи, напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи.
Ѓоковиќ, кој минатата недела беше поразен во полуфиналето на „Србија Опен“ во Белград, го брани трофејот во Мадрид по триумфот во 2019 година, откако ланското издание беше откажано поради пандемијата на коронавирус.
– Изминуваат веќе две години, долго време помина. Се надевам дека ќе се видиме следната година, порача Ѓоковиќ до организаторите на турнирот во Мадрид.