Грција денеска е без вести и информативни емисии на радијата и телевизиите поради 24-часовниот штрајк што од 6 часот утрово го започнаа вработените во медиумите, а со тоа, Здружението на новинари учествува во генералниот штрајк закажан од Синдикатот на вработените во приватниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Освен новинарите, во штрајкот учествуваат и техничарите, во приватните и државните медиуми, како и вработените во прес центрите во министерствата, а од 6 часот утрово, државната новинска агенција АНА-МПА, прекина да дистрибуира вести.

Денот на трудот во Грција, оваа година ќе се одбележи два пати – денеска и во четврток, со оглед на тоа што се поделија синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор, па така, оној на вработените во јавниот сектор за 6 мај закажа 24-часовен штрајк и повика на собири.

И од двата синдикати оваа година, Денот на трудот го посветуваат на новите измени во законот за работни односи што ги носи Министерството за труд на Грција и упатуваат порака дека не смее во никој случај да се промени осумчасовното работно време.

Денеска, нема да се одржат протести, но за во четврток, веќе се закажани како во Атина, така и во другите грчки градови, а на масовно учество повикаа и од опозициската СИРИЗА, за заштита на работничките права.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2021 11:53