Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 26 април до 2 мај тестирани се вкупно 14.975 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,6 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.076 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од 39,7 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=857; 41,5 отсто), со неделна инциденца – 138,8/100.000. Највисока неделна инциденца од 211,0/100.000 е регистрирана во Виница.

Процентот на позитивност се движи од 9,6 отсто до 17,7 отсто, просечно 13,1 отсто со намалување за 4,9 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=781, 37,6 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години (n=349; 16,8 отсто), од 40 до 49 години (n=333; 16 отсто), од 30 до 39 години (n=323; 15,6 отсто) и од 20 до 29 години (n=172; 8,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=33; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=85; 4,1 отсто).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.012 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 34,5 отсто споредено со минатата недела.

Пријавени се 167 смртни случаи од 22 градови, што е за 20,9 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 150 лицa биле над 60 години, 15 лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице од возрасните групи од 30 до 39 години и од 40 до 49 години.

На 17 февруари во државава почна вакцинацијата против Ковид-19. Од 5 април почна масовната вакцинација во вакциналниот пункт во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, каде покрај здравствени работници беа вакцинирани и лица од критичната популација. Заклучно со 2 мај со „Фајзер“ вакцинирани се вкупно 19.858 (15.933 со прва доза и 3.925 со втора доза), со „Спутник В“ се вакцинирани 34.177 (22.768 со прва доза и 11.409 со втора доза), со вакцината на „Астра Зенека“ вкупно се вакцинирани 21.949 лица и со „Синофарм“ се вакцинирани 953 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 26 април до 2 мај, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/05/2021 12:04