Бугарската престолнина Софија од утре до недела е домаќин на олимписките квалификации во таеквондо на кои настап на Игрите во Токио ќе се обидат да изборат тројца македонски репрезентативци – Дејан Георгиевски и Филип Додевски во машка и Анамарија Георгиевска во женска конкуренција.
Георгиевски, во категоријата над 80 килограми и неговиот репрезентативен колега Додевски во категоријата до 80 килограми својот настап ќе го имаат в петок, додека Георгиевски ќе настапи в сабота во категоријата до 67 килограми.
Македонските репрезентативци ги очекува исклучително силна конкуренција на патот до обезбедување олимписка норма. Во категоријата на Георгиевски на квалификациите во Софија ќе настапат актуелниот олимписки шампион Радик Исаев од Азербејџан и поранешниот светски шампион Арман Сила од Белорусија, додека кај Додевски во конкуренција е актуелниот светски шампион Симеоне Алесио од Италија.
– Сепак, нашиот репрезентативен тим е високо квалитетен и докажан, врвните резултати во овој олимписки спорт што ги постигнавме во минатото ни дава за право да се бориме за олимписка норма и вистински да ја израдуваме македонската јавност. Нашите репрезентативци се чувствуваат одлично, имавме интензивни шестмесечни подготовки со посебен фокус на овие олимписки квалификации, соопшти Македонската таеквондо федерација.
Георгиевски е сениорски европски шампион во 2017 година, и носител на сребрен медал од европско првенство во 2020 година, додека Додевски е европски шампион на европско клупско првенство во 2018 година и бронзен медалист од европско првенство до 21 година во 2019 година. Единствениот македонски претставник во женска конкуренција – Георгиевска, е бронзен медалист од светско јуниорско првенство во 2018 година.
Олимписка норма за Игрите во Токио на квалификациите во Софија обезбедуваат само финалистите во секоја од категориите.