Создавањето нови работни места по пандемијата ковид-19, подобрувањето на нивниот квалитет, борбата против сиромаштијата и социјалното исклучување ќе бидат во фокусот на состанокот на европските лидери, што ќе се одржи денеска и утре во португалскиот град Порто.

Во поканата до шефовите на држави и влади, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел истакна дека на работната вечера ќе се дискутира за состојбата со коронавирусот и подготовките за утрешниот самит ЕУ-Индија. Индискиот премиер Нарендра Моди ќе учествува виртуелно.

Средбата ќе се одржи во позадина на драматичната ескалација на пандемијата во Индија, земја на која ЕУ и дава поддршка, нагласи Мишел.

ЕУ и Индија исто така ќе разговараат за начините за зајакнување на стратешкото партнерство.

Европските лидери се очекува да усвојат декларација која ќе се фокусира на идејата за европска дигитална, зелена и фер транзиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2021 11:19