По четири квалификациски и еден финален турнир, премиерното издание на зимска 3х3 лига доби и свој шампион. Екипата на „Dust Caffe“, која беше најуспешна на три од четири квалификациски турнири, се закити со златниот медал на финалниот турнир одржан во Скопје во салата СРЦ „Кале“.

Христијан Ристов, Милорад Миновски, Небојша Килијан и Марко Дујковиќ беа подобри од тимот во состав: Борче Митревски, Мартин Ристевски, Никола Талевски и Владимир Враниќ, во рамки на финалниот натпревар кој заврши со резултат 21:10.

Третото место и припадна на екипата 3х3 Аеродром, во состав: Атанас Здравков, Благој Димитриев, Иван Ристевски и Стефан Кукуноски.

Христијан Ристов од Dust Caffe беше прогласен и за најкорисен играч на финалето. Владимир Враниќ беше најуспешен во натпреварувањето во шут на ’двојки’.

Првопласираната екипа доби парична награда во висина од 2.000 евра како и слот за челинџер турнир. Второпласираната екипа доби парична награда во висина од 1.000 евра додека третопласираната екипа доби парична награда од 500 евра.

Најкорисниот играч доби Nike Jordan Retro 1, дизајнирани од Горан Мичиќ, а рачно нацртани од артистот Сатја Грабулоски (Swithadot), на тема “Кога Red Bull и баскетот стануваат едно“. Победникот во натпреварувањето во шут на ’двојки’ доби вредносен ваучер во висина од 100 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2021 14:34