Со настапот на учениците од музичката паралелка на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка во Европската куќа во градот, реализирана е првата официјална соработка помеѓу училиштето и ЕУ инфо центарот во Крива Паланка.

Младите музичари под менторство на професорката Лариса Жулина-Митовски прв пат настапија во Europe House-Крива Паланка, што беше воедно и прв настап во живо од почетокот на Ковид-19 пандемијата.

– Учениците се претставија со инструментални музички композиции од реномирани европски композитори, како дел од одбележувањето на 9. Мај – Денот на Европа, Денот на победата над фашизмот и Денот на мајките. Задоволна сум од успешниот настап на моите вредни ученици, како и од, за прв пат остварената соработка со Европската куќа во градот. Навистина е задоволство што за прв пат остваривме соработка со Europe House-Крива Паланка, амбиентот беше прекрасен, а посебно радува фактот што по подолго време имавме настап со физичко присуство што е одлично искуство за учениците во услови на он-лајн настава. Моите ученици се многу среќни што настапија во живо, а нивните родители се гордеат бидејќи одлично се претставија пред професионалните камери, изјави професорката Лариса Жулина-Митовски.

Дел од учениците од музичката паралелка вчера учествуваа на вториот Меѓународен фестивал за млади талентирани музичари „Сергеј Михајлов 2021″ во Штип.

-Фестивалот е со натпреварувачки карактер, организатор е ДМУЦ ,,Сергеј Михајлов“, со поддршка на Министерство за култура. Фестивалот беше реализиран со физичко присуство на повеќе локации во градот, а истовремено беа вклучени и он-лајн натпреварувачи. Натпреварувањето беше организирано согласно сите протоколи за заштита од пандемијата, а учесниците ги оценуваа реномирани професори. И покрај големата конкуренција од талентирани музичари, ученикот Михаил Митовски освои прва награда, додека Теодор Смиљков трета награда, на што им честитам и особено се гордеам, додаде Жулина-Митовски.ид/



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2021 11:32