Општина Пехчево ќе гради улици во селото Црник. Активноста ќе се реализира преку проектот за подобрување на општинските услуги МСИП, преку кој како што информираат од Општина Пехчево, се доделени финасиски средства за капитални проекти во општината.

-Како резултат на претходно успешно спроведени потпроекти за подобрување на општинските услуги, Пехчево има добиено 1,6 милиони денари за изградба на локални улици во село Црник. Реализирањето на проектот за изградба на улици во село Црник ќе биде од огромно значење за самите жители, кои одамна имаат потреба од подобрена патна инфраструктура, истакнаа од Општината.

Градоначалникот Драган Тренчовски при потпишувањето на договорот со Министерството за финансии рече дека со ова, локалната самоуправа ја потврдува грижата за добрите инфраструктурни услови во градот и селата.

-Со овој проект ќе бидат уредени и реконструирани повеќе селските улици од централниот дел и периферијата на село Црник кои навистина беа во исклучително лоша состојба и го отежнуваа сообраќајот и движењето на жителите. Со ова ја потврдуваме грижата за добрите инфраструктурни услови во градот и селата која континуирано ја покажува локалната самоуправа во општина Пехчево, истакна Тренчовски.

Преку проектот кој што Министерството за финансии го реализира со поддршка на Светска банка, средства во висина од 206,6 милиони денари се доделени на девет општини, меѓу кои и Општина Пехчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2021 12:02