Депониите создадени од несовесни граѓани, денеска се чистат на повеќе локации во Делчевско. За таа цел, како што информираа од Општината, ангажирани се екипи на делчевското комунално претпријатие „Брегалница“, кои акцијата ја започнаа со чистење на дива депонија во селото Стар Истевник.

– По пријава од наши сограѓани екипи на Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“ Делчево спроведоа акција за чистење на дива депонија во село Стар Истевник создадена од страна на несовесни граѓани. Од депонијата се подигнати големи количини на отпад и градежен шут и ова не е прв пат да се интервенира на таквите диви депонии, информираа од Општината.

Во текот на денешниот ден како што додадоа, екипи на ЈПКД „Брегалница“ ќе спроведат акција и за чистење и на манастирот Света Богородица Балаклија

– Апелираме до сите наши сограѓани да го почитуваат Законот за јавна чистота, да не го оставаат ѓубрето на недозволени места и со своето однесување и еколошка свест да придонесат за поздрава и почиста животна средина, се вели во апелот на надлежните од Општина Делчево.

Јавното претпријатие „Брегалница“ од почетокот на годината спроведе повеќе акции за чистење на дивите депонии, активности кои, како што дополнија од општината, беа спроведени како во градот, така и во руралните средини.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2021 12:12