Од првиот момент кога Јапонија посака да биде домаќин на Олимписките игри во 2020 година, организаторите ги претставија како симбол на закрепнување: од децениските економски катастрофи, од разорниот земјотрес, цунами и нуклеарна катастрофа, од страшната пандемија.
Сега кога скоро е сосема извесно дека Олимписките игри во Токио ќе почнат на 23 јули, самиот настан полека станува еден вид предизвик, од кој Јапонија би можела да заздравува со години.
Цел спектар на здравствени, економски и политички проблеми ги преплавија Игрите. Дури и кога организаторите минатиот месец официјално одлучија да ги забранат навивачите од странство, епидемиолозите предупредуваат дека Олимпијадата може да го прошири вирусот. Илјадници спортисти и други учесници ќе се соберат во Токио, од повеќе од двесте земји, во време кога повеќето Јапонци сè уште не се вакцинирани.
Финансиските опасности се исто така значајни – буџетот за игрите порасна на неверојатни 15,4 милијарди долари, што е за три милијарди долари повеќе само од текот на минатата година, и така придонесува за долгорочни сомнежи дали на домаќинот воопшто ќе му се исплати одржувањето на Игрите. А, организацискиот одбор е во своевиден хаос: и претседателот и креативниот директор неодамна мораа да дадат оставка под притисок на јавноста, по несоодветни сексистички коментари.
Јапонската Влада на тој начин се спротивстави на желбите на јавноста. Скоро 80 проценти од Јапонците велат, според истражување, дека Игрите треба повторно да се одложат, па дури и целосно да се откажат.
Според организаторите, овогодишните Игри претставуваат еден вид морален императив. Претседателот на организацискиот комитет, Сеико Хашимото, неодамна ги наведе „значајните предизвици“ со кои се соочува светот и одговорноста на олимпиското движење да „создаде наследство за идното општество“.
Без оглед на исходот на Игрите ова лето, тие ќе имаат далекусежни последици за целото движење, кое со децении стоеше на темелите на идеализираните приказни за инспирација и граѓанска гордост, за да ги оправда огромните трошоци и барања на градовите домаќини.
– Кога велат“ пет кругови“ или кога ќе се појават со олимписки симболи, мислат дека можат да ни наредуваат, мислат дека се им е дозволено, рече Сатоко Итани, професорка по спорт, род и сексуалност на Универзитетот Кансаи.
– Ова би можела да биде пресвртна точка за организаторите, рече професорката Итани. „За жал, мислам дека тие тоа не го сфатија“.
Јапонија има сè помалку надеж дека инвестицијата ќе биде вратена, особено откако комитетот одлучи да не дозволи посетители од странство. Без овие туристи, тешко дека хотелите, рестораните или другите туристички атракции ќе заработат пари.
Организаторите велат дека безбедноста е најважна и оти ќе потрошат најмалку 900 милиони долари за мерки за спречување на коронавирусот. Во последните недели, тие гледаа како сè функционирало на други големи спортски настани, како што се Австралија опен и колеџ-кошаркарски турнири во Америка, и во машка и во женска конкуренција.
Јапонија сака Игрите да бидат симбол на триумфот над цунамито од 2011 година и нуклеарната катастрофа во Фукушима, од каде тргна факелот на 25 март. Сепак, ни тоа не им се допаѓа на многумина. Критичарите велат дека сè уште не е завршено чистењето на електраната Фукушима Даичи, каде пред една деценија се стопија три реактори.
– Многу сум многу против употребата на терминот“ закрепнување“, вели Ајуми Ида, 36, експерт за односи со јавност. „Треба да се срамиме од она што ќе му го покажеме на светот.