Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски денес, уште еднаш потврди дека ќе му се овозможат максимални услови за подготовки на најдобриот македонски таеквондист, Дејан Георгиевски, во пресрет на Олимпискиот турнир во Токио.

– Таеквондото го обели образот на сите македонски спортисти. Георгиевски покажа дека Македонија има спортисти за големи борби. Секој негов чекор ќе добие поддршка од наша страна. Јас како директор на Агенцијата за млади и спорт ќе направам максимални напори на Георгиевски да му овозможам идеални услови за подготовка и верувам дека успесите нема да изостанат. Се надевам на голем резултат на Олимпијадата и дека ќе се врати со медал, истакна Мојсовски на денешната прес-конференција.

Георгиевски му се заблагодари на Мојсовски за поддршката од АМС и најави освојување медал во Токио.

– Со помош на моите тренери, Дарко и Борче Костовски, дојдов до норма за Олимпијадата. Ми се оствари сонот. Отидов на квалификациите сигурен дека ќе успеаам. Бев максимално подготвен и психолошки и физички. Следна цел ми е медал во Токио и тоа златен. Одам на Олимписките игри со паролата, Македонија има олимписки златен медал“, изјави Дејан Георгиевски.

Олимпијадата во Јапонија ќе се одржи од 23 јули до 8 авгутс. Георгиевски својот настап ќе го има на 27 јули.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2021 13:32