Американскиот претседател Џо Бајден, по телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изрази разбирање за реакцијата на Израел по ракетните напади од Хамас, пренесе Дојче Веле на Македонски јазик.

– Моите очекувања и надежи се ова наскоро да заврши. Израел има право да се брани кога на негова територија стигнуваат илјадници ракети, изјави Бајден по извршениот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Владата на Бајден изрази претходно загриженост и ги повика двете страни во конфликтот на итна деескалација. Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен му дал налог на својот специјален претставник Хади Амр да отпатува во регионот на средба со претставници на двете конфликтни страни. Амр во име на Бајден ќе инсистира на итна деескалација на ситуацијата.

Блинкен најостро ги осуди ракетните напади извршени од „терористичката организација Хамас“ од Појасот Газа врз израелски цивили, подвлекувајќи дека Палестинците имаат право да живеат во сигурност. Според Блинкен, САД и натаму остануваат приврзени на решението за постоење две држави, но новиот изблик на насилство ќе претставува големо оддалечување од оваа цел.

Израел во меѓувреме решил да ја прошири воената акција против владејачкиот исламистички Хамас во Појасот Газа, во авионски напади се погодени стратешки објекти на Хамас.

Кратко потоа рано утрово во Тел Авив повторно е објавена тревога поради напади со ракети, а стотици ракетни проектили се истрелани врз градовите Ашод и Ашкелон, во Здерот загинало петгодишно дете.

Бројот на жртвите во Израел во ракетните напади на Хамас кои започнаа во понеделникот вечерта порасна на шест лица, преку 200 се ранети. Во одмаздничките бомбардирања на израелската авијација кои уследија, според Министерството за здравство во Газа загинале 65 Палестинци, од кои 16 деца и пет жени, ранети се 365 луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2021 12:00