Популарниот градоначалник на Будимпешта Гергели Карачони денеска изјави дека се стреми да застане на чело на опозициската алијанса за на следните избори да го собори од власт премиерот Виктор Орбан.

Гергели Карачиони (45), либерал кој го победи кандидатот на Орбан во трката за градоначалник на главниот град на Унгарија во 2019 година, рече дека ќе учествува на прелиминарните избори, кои ќе одлучат кој ќе ја предводи здружената опозиција за да се соочи со Орбан и неговата партија на парламентарните избори следната година.

Карачиони изрази желба да ја предводи изборната битка против Орбан преку видео објавено на Фејсбук.

„Чувствувам дека Унгарија е во неволја, нашата земја е поделена до крајност. Би сакал да служам за обединување на Унгарија“, рече тој во изјавата снимена во селото Ниртасасон, каде го поминал детството, на 270 километри од Будимпешта .

Интерните избори, организирани од шестпартиски сојуз на опозициски партии, ќе бидат првите на кои ќе се спроведе ваков метод за номинирање кандидати за парламентарните избори во земјата.

Карачони се смета за победник кој ќе ги освои гласовите на опозицијата на прелиминарните избори. Три од шесте партии веќе сигнализираа дека ќе го поддржат Карачиони како кандидат за општите избори, кои најверојатно ќе се одржат следниот април.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2021 01:07