Во многу европски и светски градови денеска се одржани протести за поддршка на Палестинците во конфликтот со Израел.

Во центарот на Мадрид организирани се масовни протести поради израелските напади на Газа и Ал Акса.

Стотици демонстранти се собраа напладне во центарот на главниот град на Шпанија и излегоа на протестен марш. Демонстрантите во Мадрид бараат крај на израелските напади, крај на израелската окупација и децениско угнетување на Палестинците.

Илјадници демонстранти се собраа и на протестите во Брисел, главниот град на Белгија, кои беа организирани по повод израелските напади и комеморацијата на 73-годишнината од почетокот на прогонот на палестинскиот народ на Блискиот исток.

Илјадници демонстранти се собраа на пладне во Хајд Парк и се упатија кон израелската амбасада во Лондон. „Терористички Израел“ и „Стоп за етничкото чистење“ се пораките што демонстрантите ги истакнаа на транспарентите. Демонстрантите во Лондон бараат крај на израелските напади, крај на израелската окупација, но и британските власти да престанат да го поддржуваат Израел.

И покрај забраната, протести се одржаа и во Париз, кои полицијата ги растури со помош на солзавец и водени топови.

Протести се одржаа во Мелбурн и Сиднеј, Австралија, каде неколку илјади луѓе се собраа за да ги осудат израелските напади и да побараат нивно запирање. За време на протестите беа истакнати знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Слободна Палестина, Слободна Газа“, „Стоп за израелските напади“, „Израел надвор“, „Срамота за Израел“ и слично.

Во обраќањето на демонстрациите беше речено дека израелските напади се спротивни на законот и нехумани, но критики беа упатени и до австралиските власти за немото набљудување на овие настани.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2021 01:31