Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел, попладнево се огласи повторно околу ескалацијата на насилството во Израел и окупираните палестински територии и побара справување со коренот на спорот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Од кабинетот на шефот на дипломатијата на ЕУ порачаа дека Европската Унија е „интензивно ангажирана“ во дипломатски напори за да стави крај на насилството помеѓу Израелците и Палестинците, посебно во Газа и побара заштита на цивилното население.

-Во сите негови контакти, високиот претставник ги осуди слепите напади на Хамас и на другите групи против цивилни мети во Израел. Тој исто така нагласи дека иако Израел има право да се брани од вакви напади, мора тоа да го стори на пропорционален начин и да избегне цивилни штети, соопштија од кабинетот на Борел.

Европскиот шеф на дипломатијата е во постојан контакт со лидерите на двете страни за да обезбеди спречување на натамошни невини цивилни жртви и прелевање на конфликтот, и побара да се почитува меѓународното хуманитарно право и пристап до најранливите групи во Газа.

-Приоритетот и пораката на ЕУ е јасна: насилството мора да сопре веднаш. Треба итно справување со коренот на конфликтот и изнаоѓање на политичко решение што ќе овозможи враќање кон значајни преговори за решение со две држави врз основа на меѓународно договорените параметри. И Израелците и Палестинците имаат право да живеат безбедно, слободно и демократски. Овие постојани никлуци на насилството мора да престанат, порача Борел.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2021 01:55