Денес е клучно е сите да можат да имаат пристап до Интернет со задоволителен квалитет, вклучувајќи и фиксни и мобилни пристапни мрежи. Тоа е предусловот за дигитализацијата на општеството, како и дигитализација на сите институции и бизниси. Според тоа, дигитализација на образовниот систем, на здравството или сервисите што ги нудат државата и општините, се важни, но исто така важна е и дигитализацијата на земјоделството, сточарството, и секоја бизнис гранка која досега не била дигитализирана. За таа цел потребно е и обучување и учење на сите засегнати страни, за да може да има реални придобивки од самата дигитализација за целото општество.

Тоа го истакнува проф. д-р Тони Јаневски, редовен професор во областа телекомуникации на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ со кого разговаравме по повод Светскиот ден на телекомуникациите – 17 Мај.

Како земја, смета Јаневски, во телекомуникациите сме рамо до рамо со развиените земји во светот. Самите тука создаваме квалитетни кадри кои можат да се носат со трендовите за дигитализација и активно да учествуваат во дигитализацијата на сите аспекти на живеењето и во сите сектори на бизнисот.

Како што вели, има многу функции кои се дигитализирани, но и уште кои можат да се дигитализираат, бидејќи тоа е процес кој треба континуирано да се одвива и кој континуирано се одвива и надградува.

Во интервјуто се осврнуваме и на најавеното доделување одобренија за користење радиофрекфенции за 5Г технологиите, активностите на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ од којшто е дел, телекомуникацискиот кадар…

На 17 мај се одбележува Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество, втор во услови на ковид пандемија. Какво е значењето на овој ден, како ќе го одбележите и која е вашата порака со оглед дека телекомуникациите, дигиталните услуги и целиот процес на дигитализација веќе го диктираат поголемиот дел од активностите на сите?

-Најнапред да одговорам од каде потекнува прославата на 17 мај како ден на телекомуникациите. Имено, 17 мај започнува да се прославува како ден на телекомуникациите од 1969. Но, зошто е 17 мај токму тој ден? Бидејќи на тој ден во 1865 година е формирана Интернационалната Телеграфска Унија (ИТУ) со потпишување на првата интернационална телеграфска конвенција таа 1865 година. Значи, телекомуникациите се појавуваат со телеграфијата како прв сервис, уште пред појавата телефонијата која е пронајдена подоцна од 1876 година (од Александар Грахам Бел). Подоцна ИТУ во 20-от е преименувана во Интернационална Телекомуникациска Унија (ИТУ), која е дел од ООН и има седиште во Женева, Швајцарија. Одбележувањето на денот е со потсетување на историјата и со поглед во иднината, кон нашите студенти кои студираат телекомуникации и информациско инженерство на ФЕИТ, УКИМ, како и со обраќање кон пошироката јавност како што е и ова интервју за вас.

Колку нашето општество е во чекор со трендовите за дигитализација во поглед на институциите, бизнисот, образовниот систем?

-Телекомуникациите се глобални, телекомуникациските мрежи и сервиси не познаваат реално граници меѓу државите, иако од друга страна секоја држава има јурисдикција врз телекомуникациите кои се одвиваат на нејзината сопствена територија. Притоа треба да се нагласи дека телекомуникациите се карактеризираат со забрзан развој од почетокот на 21-от век (ако го споредиме тоа со 20-от век каде што главни телекомуникациски сервиси беа телефонијата и телевизијата), што е посебно поттикнато од ширењето на Интернет и Интернет технологиите во телекомуникацискиот свет од 1990-те години наваму. Интернет технологиите денес се и основните технологии кои ги користиме во телекомуникациите за градење на мрежите и сервисите. Вообичаено кога велиме дигитализацијата всушност говориме за ставање акцент на тоа како дигиталните сервиси и апликации (кои главно се овозможуваат преку Интернет) ќе го променат и трансформираат искуството на граѓаните и начинот на бизнис работење така што сето тоа ќе доведе до подобрување на квалитетот на животот и благосостојбата и постигнување на т.н. одржлив развој. Ние како земја, според моето мислење, во телекомуникациите сме рамо до рамо со развиените земји во светот, при што тоа е така од крајот на минатиот век до денес. Тоа го тврдам бидејќи самите тука создаваме квалитетни кадри кои можат да се носат со трендовите за дигитализација, и активно да учествуваат во дигитализацијата на сите аспекти на живеењето и во сите сектори на бизнисот.

Кои се клучните работи на кои треба да се стави фокус за да има услови придобивките од дигитализацијата да ги почувствува целото население без оглед на местото на живеење. Во тој контекст во што треба да се инвестира за подобра инфраструктурна мрежа и што треба да се смени во образовниот систем и свесноста за овие процеси?

-Дигитализацијата се однесува на сите области, без исклучок. Во минатото главно беше да се овозможат сервиси до што поголем број корисници, на пример, да бидат достапни мобилните сервиси и Интернет сервисите до сите граѓани, што е денес реално остварено, не само во нашата земја, туку и во сите земји во регионот во кој се наоѓаме, а тоа е европскиот регион. За да го појаснам ова, да дадам една споредба. Кога во 1996 година стартуваше првата мобилна мрежа – Мобимак, самата услуга по цената на почетокот беше недостапна за поголемиот дел од граѓаните и беше релативно скапа цената по минута разговор. Денес секој човек и секое дете може да има мобилен на кој што може да зборува колку што сака за фиксна претплата. Ова е само еден пример, но факт е дека целта на телекомуникациските сервиси е да бидат достапни за сите со текот на времето, никогаш телекомуникациите не биле наменети да бидат луксуз, туку потреба и право за да може човекот да функционира во цивилизацијата, каде што комуникацијата отсекогаш била суштинска за натамошен развој, а само технологиите за таа намена се менуваат во текот на времето. Така, денес, клучно е сите да можат да имаат пристап до Интернет со задоволителен квалитет, вклучувајќи и фиксни и мобилни пристапни мрежи. Тоа е предусловот за дигитализацијата на општеството, како и дигитализација на сите институции и бизниси. Според тоа, дигитализација на образовниот систем, на здравството или сервиси кои ги нуди државата и општините, се важни, но исто така важна е и дигитализацијата на земјоделството, сточарството, и секоја бизнис гранка која досега не била дигитализирана. Секако, за таа цел потребно е и обучување и учење на сите засегнати страни, за да може да има реални придобивки од самата дигитализација за целото општество.

Согласно Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) во тек се активности за распишување тендер за издавање одобренија за користење радиофрекфенции за 5Г технологиите. Што ќе значи ова за развојот на секторот и на целото општество и дали се оправдани стравувањата кај граѓаните од штетноста на овие технологии?

-Мобилните технологии се развиваат со одредена динамика која може да биде апсорбирана и имплементирана од глобалните стандардизациски тела на пример 3GPP ги стандардизира речиси сите мобилни технологии кои денес се користат во светот, во сите земји. Од производителите на опрема, има неколку големи производители на опрема кои ги знаеме и од смартфоните што ги користиме. Од мобилните телеком оператори, кои денес ги има по неколку во секоја земја во светот) како и од крајните корисници, а тоа сме сите ние. Така, на секои десет години се појавува нова мобилна генерација, така што во 1980-те беше првата генерација, која ја немаше во Македонија, во 1990-те се појави втората генерација, 2G, чиј најпознат претставник е ГСМ, кај нас стартуваше во 1996 година со првиот мобилен оператор, во 2000-те се појавија стандардите за 3-та генерација, 3G, во 2010-те се појавија стандардите за четвртата генерација, 4G, а во 2020-те се појавува петтата мобилна генерација, 5G. Во тој стил, во 2030-те со сигурност може да очекуваме нова мобилна генерација, шестата, 6G, бидејќи развојот постојано продолжува во телекомуникацискиот сектор, секако, тоа е со одредена динамика што одговара и на мобилниот пазар на услуги. Притоа, секоја нова генерација се појавува во текот на времето во секоја земја, природно во поразвиените земји тоа се случува порано бидејќи крајните корисници имаат поголема куповна моќ за порано да можат да купат мобилни уреди кои ја поддржуваат новопојавената мобилна генерација во даден момент. Така, воопшто не е прашање дали ќе се имплементира, секако дека ќе се имплементира и од нашите мобилни оператори. Прашање е само кога е погодниот момент да се доделат нови фреквентни опсези кои се потребни за 5G, или да се пренаменат постоечките фреквентни опсези кои веќе за користат за 2G, 3G или 4G. Според сите предвидувања во светски рамки, до средината на оваа декада, некаде до 2025 година, доминантна и понатаму ќе биде 4G, бидејќи за новата 5G ќе биде потребно време да се имплементира и потоа да пенетрира на пазарот на мобилни услуги во дадена земја. Но, ова не е нешто ново за 5G, тоа се случува со секоја мобилна генерација кога се воведува за првпат. Притоа, секоја земја оди со своја динамика при воведувањето на новите генерации на мобилни технологии. Но, земјите тоа не го права изолирано од другите, туку во хармонизација со регионалните телекомуникациски тела за регулирање на телекомуникациите. За нас такви регионални тела се европските тела за регулирање на телекомуникациите, каде што членуваат институциите задолжени за тоа, на пример, регулаторот – Агенцијата за електронски комуникации. Потоа, кои фреквентни опсези ќе се доделат за 5G зависи од тоа во европскиот регион кои фреквентни опсези ќе бидат доделени во сите земји, за да може да функционира роамингот, односно корисниците да можат како и досега и понатаму да ги користат истите мобилни уреди во секоја земја во која патуваат. А тоа се прави во регионална и глобална хармонизација на мобилните технологии кои се користат, што значи дека ниту една земја не го оди тој пат самостојно.

Притоа, новитет кај 5G е што првпат ќе се овозможи функционирање на мобилните технологии и на повисоки фреквентни опсези, каде што имаат поголемо слабеење радио брановите, заради што ќе треба да се зголеми бројот на базни станици и да се намали растојанието меѓу базните станици и корисниците. Ссекако, ваквите решенија се главно за затворени простории, како што се домови, канцеларии, молови, фабрички хали, и слично.

Што може да се очекува од 5G за крајните индивидуални корисници и за бизнисите?

Има очекувања на краток рок и на подолг рок. На краток рок, може да се очекува да се добијат поголеми битски брзини по корисник во просек, како и постепено и понатаму да се зголемува максималното количество на податоци по корисник и тоа да се приближува кон неограничен пренос на податоци преку мобилната мрежа, слично како што сега е преку фиксната мрежа. Исто така, доцнењето во мрежата ќе оди и понатаму во надолна линија, што заедно со зголемените битски брзини ќе придонесе до поголем квалитет на мобилните услуги за крајните корисници, за истата цена. Секако, тоа ќе биде условено и од мобилниот уред кој корисникот ќе го користи. Но, покрај поквалитетниот мобилен Интернет пристап, со големи битски брзини и помали доцнења од крај до крај, на подолг рок се очекува 5G да направи импакт и во различните бизнис сектори, кои се нарекуваат уште и вертикали. Така, се очекува позабрзан развој на масивен Интернет на нештата за сите сектори. Инаку, Интернет на нештата постои и со постоечките мобилни мрежи – на пример, разни сензори, мерење на далечина, fleet tracking, итн., но со 5G ќе може драстично да се зголеми бројот на поврзани уреди. Исто така, клучна придобивка од 5G на подолг рок, значи, тоа нема да биде со првите имплементации во првите години се т.н. ултра-доверливи сервиси со многу мали доцнења, кои се наменети за автоматизација на процесите во индустријата преку користење мобилни мрежи, за различни начини на комуникации со возила и летала од различен тип. автомобили, автобуси, возови, дронови, итн., за асистенција при операции во здравството од далечина, за градење паметни градови, што е процес кој постојано се одвива, никогаш реално не завршува, итн. Дали има штетност од 5G за луѓето? Секако дека нема, бидејќи сите 5G стандарди поминуваат низ детални и многубројни анализи во различни меѓународни тела од областа на телекомуникациите, и глобално и регионално, пред да бидат одобрени за користење, по што всушност следува имплементацијата на мрежите во пракса. Тоа се прави за секоја мобилна и безжична технологија, а за 5G тој процес е завршен и 5G мрежите веќе масовно се имплементираат во земјите ширум светот.

Дали јавниот сектор ги користи доволно придобивките од технологиите и електронските комуникации за подобрување на услугите и животот на граѓаните?

Според мое мислење, јавниот сектор постојано ги користи технологиите како што тие се појавуваат. На пример, пред појавата на Интернет сите весници беа само во печатени изданија, а денес речиси никој не чита печатени изданија, бидејќи сите вестите ги читаат на нивните омилени извори на вести на Интернет. Пред појавата на смартфоните, кои се појавија кон крајот на 2000-те, ретко која услуга во јавниот сектор можеше да биде достапна на мобилен уред. Денес смартфоните се достапни речиси за сите, има уреди со прифатлива цена речиси за секого и голем дел од услугите се достапни на и на мобилните уреди, покрај фиксните уреди, компјутерите. Во бизнисот, тендерските постапки се одвиваат онлајн. За платежна картичка во банка може да се аплицира онлајн. За админситративна такса на факултетите се користи со години плаќање со СМС порака. Имаме мој термин во здравството, а пријавувањето за вакцинација исто така оди преку веб, со потврди преку емаил или СМС. Во ова пандемиско време, исто така предавањата на факултетите се префрлија онлајн. На УКИМ имавме уште пред пандемијата развиен сопствен систем за менаџирање на студентите, од пријави или заверка на семестар, до пријава на испити и внесување на оценки. И да не набројувам, има многу функции кои се дигитализирани, но има уште кои можат да се дигитализираат, бидејќи тоа е процес кој треба континуирано да се одвива и кој континуирано се одвива и надградува. Според мое мислење, произведуваме и доволно квалитетен кадар од нашиот факултет, ФЕИТ – УКИМ, а исто така има квалитетен кадар и од другите сродни факултети на УКИМ и на другите универзитети, кои можат да придонесуваат кон понатамошен развој на дигитализацијата на јавните сервиси.

Каков е придонесот на Институтот во тој поглед и колку сте вклучени во креирањето на националните политики и програми? Имате ли поддршка од државата за спроведување на вашите активности и обезбедување дополнителен развој на секторот?

Институтот за телекомуникациите е составен од врвни професори и асистенти, кои се докажани и на домашен и на меѓународен план во својата област. Креирањето на националните политики и програми е во надлежност на соодветните државни институции, кои секогаш кога имале потреба во изминативе 30 години, ја користеле експертизата и знаењето на членови на Институтот за телекомуникации на ФЕИТ – УКИМ. Универзитетот е автономен во изведувањето на својата работа, па во таа насока всушност професорите од Институтот за телекомуникации на ФЕИТ – УКИМ го креираат курикулумот за телекомуникациската област, кој потоа е основа за кадарот кој се создава на ФЕИТ и кој потоа работи во телеком операторите, телеком регулаторот, државните институции, различни фирми во приватниот сектор од ИКТ областа, итн. Членовите на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ-УКИМ преку својата наставна и научна работа придонесуваат всушност кон развојот на телекомуникациите кај нас и го насочуваат истиот, но и во светот преку своите бројни активности и публикации на трудови и книги, со што даваат свој придонес и во глобалниот телекомуникациски мозаик.

Каква е состојбата со продуцирање кадар за овој сектор кај нас, што се презема за да спречи одливот на мозоци, имаме ли капацитет и како можеме ли да ги задржиме како општество овие кадри?

Телекомуникацискиот кадар во нашите институции, телеком оператори и ИКТ фирми е во целост од домашно производство, произведен од ФЕИТ – УКИМ и другите сродни факултети. Тие професионалци, кои претходно биле наши студенти, всушност ја имаат изградено матрицата на размислување во телекомуникацискиот сектор од нас, членовите на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ – УКИМ. Во однос на одливот на мозоци и дали реално го има денес, тоа можат да го кажат одредени државни институции кои располагаат со такви податоци. Ако ја погледнам поблиската телекомуникациска средина, заклучокот е дека поголемиот дел од студентите кои дипломираат всушност и работат тука во различни фирми и институции. Во мојата поблиска работна средина, тоа е Институтот за телекомуникации на ФЕИТ – УКИМ, во периодот од 1990 до 2001 заминаа пет членови на Институтот, додека по 2001 не заминал ниту еден. Стабилна и сигурна средина за живот и работа е клучна за секого, а верувам дека таа постои тука во изминативе две децении. А со Интернет пристапот со се поголеми битски брзини се овозможува фирмите од нашата телекомуникациска/ИКТ област да бидат лоцирани локално, а да работат глобално, при што на тој начин може да бидат и поконкурентни на глобалните пазари имајќи во предвид дека трошоците локално се помали во просек. Дали нешто треба да се направи специјално за да се спречи одлив на мозоци, таму каде што го има и ако го има? Според мое мислење треба да се размислува како да им се обезбедат услови за креативна и исплатлива работа на оние што ја гледаат тука иднината, бидејќи средината треба да ја креираме за тие што остануваат, а не за тие што заминуваат. Од друга страна, добро е луѓето да имаат мобилност, да стекнат и меѓународни искуства и истите потоа да ги пренесат директно или индиректно на луѓето што работат тука во областа. Секако, секој поединец кој работи во телекомуникациската област потребно е целиот живот да продолжи да учи и да се надградува. Зошто? Бидејќи технологиите кои денес се супер актуелни, како на пример споменатата 5G мобилна технологија, за две-три децении ќе бидат застарени и ќе има нови технологии создадени во меѓувреме. Континуираното учење во текот на целиот живот станува тренд и во Европа и во светот, а со ресурсите и можностите кои ни се достапни онлајн преку глобалната Интернет мрежа, тоа станува полесно остварливо од речиси секое место на планетава.

Лидија Велковска



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2021 16:17