Градоначалниците на најголемите хрватски градови ќе бидат избрани во вториот круг од изборите за две недели, откако никој од кандидатите вчера не успеа да освои повеќе од 50 проценти од гласовите од излезените на локалните избори.

Во Загреб, силите во вториот круг ќе ги одмерат кандидатот на зелено-левата коалиција Томислав Томашевиќ (39), кој е убедлив победник во првиот круг со 45,15 проценти од гласовите (147.631 глас) и второпласираниот Мирослав Шкоро (59) од десното движење Татковина со 12, 16 проценти од гласовите (39.789).

Листата на партијата „Можеме“, која е платформа на локалните левичарски и зелени движења, освои најмногу гласови за загрепското градско собрание – 41 отсто и освои 23 од 47 мандати. Се очекува коалиција со Социјалдемократската партија која освои пет мандати. „Можеме“ освои најмногу гласови во 16 од 17 квартови во Загреб.

Нов градоначалник ќе добие и Сплит, каде изненадување приреди кандидатот на Центарот, Ивица Пуљак, кој влегува во вториот круг како првопласиран. Пуљак освои 26,82 проценти од гласовите (17.500), додека второпласираниот кандидат на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Вице Михановиќ освои 23,23 проценти (15.159).

Во Риека во втор круг влезе кандидатот Марко Филиповиќ од СДП со 30,25 проценти од гласовите и кандидатот на групата граѓани Давор Штимац со 16,10 проценти.

Во Осијек, Иван Радиќ од ХДЗ оствари убедлива победа со 38,69 проценти, но ќе мора да се бори во вториот круг со Берислав Млинаревиќ, поддржан од Татковинското движење и Мост со 19,63 проценти од гласовите.

Голем број градоначалници, началници и општински началници, како и жупани, ќе бидат избрани во вториот круг за две недели, вклучително и градоначалниците на Шибеник, Задар, Дубровник, Карловац, Пула и Сисак.

Граѓаните треба вкупно да изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде Хрватите се малцинство.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2021 00:11